Вакцинацијата се одвива со добро темпо на територијата на целата држава. Заклучно со 4 септември, со една доза на вакцина против Ковид-19 вакцинирани се 44,6% од севкупното население над 18 годишна возраст, информираат од Министерството за здравство.
„Според последните податоци, најголем опфат со една доза на вакцина има во Неготино 63,4%, Кавадарци 62,3% и Охрид 61,4%.
По нив, најмногу вакцинирани со прва доза има во градовите Гевгелија 59,8%, Берово 56%, Ресен 57,2%, Битола 55,8%, Ресен 57,2%, Пехчево 53%, Крушево 52,3%, Валандово 53,3%, Штип 51,9%, Пробиштип 50,5%.
Помеѓу 40-50% опфат на вакцинирано население со барем една доза на вакцина има во градовите Демир Хисар, Велес, Св.Николе, Кочани, Делчево, К.Паланка, Струга, Прилеп, М.Брод, и Скопје, а помеѓу 30-40% опфат во градовите Кичево, Виница, Куманово, Кратово, Струмица, Тетово, Гостивар, Радовиш.
Најмал процент од населението, вакцинирано со барем една доза вакцина има во градовите Гостивар 30,5% и Дебар 31,7%,“ се вели во соопштението.
Од Министерство за здравство апелираат на заинтересираност и вклучување во процесот на вакцинација, особено до помладата популација на граѓани во периодот што следува.
„Вирусот не ги исклучува младите, а на тоа укажуваат бројките од последите анализи. Потребно е сега младите активно да се вклучат во опфатот со вакцинација и само на овој начин, со што поголем процент на вакцинирано население помеѓу помладата популација ќе го зацврстиме колективниот имунитет и заеднички ќе создадеме бариера на секој иден епидемиолошки бран предизвикан од вирусот,“ се додава во соопштението.
Фото: МЗ