Советот за оценка на обвинителен акт при Основниот суд во Струмица го прифати обвинението за извршено убиство против педесет и петгодишниот М.В. од село Добрејци.
Него обвинителството го товари дека на 9 октомври 2018 година извршил кривично дело „Убиство“ од член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик.
Според Мариета Дукиќ, портпаролката на Основниот суд во Струмица, во законски предвидениот рок нема пристигнато приговор и дополнително ќе биде утврдено кога ќе почне судењето.
Обвинителството го товари М.В. дека е сторител на убиство врз шеесет и двегодишниот Александар Мицев од Струмица, а обвинението беше поднесено на 31 јули годинава.
– Во текот на истрагата, Обвинителството прибра доволно докази кои ја потврдуваат основаноста на сомневањето дека обвинетиот, на речиси идентичен начин како и во случајот со претходната жртва Ристо Иљашев, го извршил кривичното дело и кон втората жртва, Александар Мицев од Струмица.
Тој го лишил од живот оштетениот на подмолен начин и од материјални побуди. На 09.10.2018 година, во адвокатска канцеларија во Струмица, обвинетиот и неговата жртва склучиле Договор за купопродажба на недвижен имот-деловна просторија.
Притоа, оштетениот се јавува како продавач, а обвинетиот како купувач. По ова, тие заминале во село Добрејци, во работилницата на обвинетиот за наводна исплата на парите во готовина.
Искористувајќи ја приликата кога останале сами и довербата што оштетениот ја имал кон него, обвинетиот испукал два куршума од огнено оружје со калибар 22 (5,6 мм) во пределот на главата на жртвата, стои во соопштението на ЈО.
Се додава дека од здобиените повреди кај оштетениот дошло до пореметување и прекин на работата на важни мозочни центри и настапила смрт, а обвиниетиот го ставил телото на убиениот во метален резервоар за гориво, кој го обвиткал со полиетиленска фолија.
Потоа со возило го однел на браната „Турија“ и го фрлил во езерото.
Телото на убиениот Мицев беше пронајдено на 5 август лани во водите на браната „Турија“.
Инаку, обвинетиот со пресуда на Основниот суд Струмица од 6 февруари оваа година веќе е осуден за уште едно такво кривично дело, при што му е одредена казна затвор во траење од 20 години.
МИА