Синдикатот за образование, наука и култура-СОНК утре ќе организира предупредувачки штрајк во сите основни и средни училишта во земјава затоа што, како што рече претседателот Јаким Неделков, до денеска со МОН не е постигнат договор.
Одлуката за штрајк на првиот училиштен ден СОНК ја донесе на 23 август затоа што не се согласува покачувањето на платите на наставниците да биде 5 проценти, туку за онолку колку што е зголемена минималната плата во државата, односно до 25 проценти.
И покрај апелот на реосорниот министер Арбер Адеми утре настава да има, Неделков на прес-конференција подоцна соопшти дека е дефинитивна нивната одлука за предупредувачки штрајк утре, а настава ќе има од вторник.
СОНК овој месец ќе очекува преговори со МОН за да најдат заемно прифатливо решение, а ако го нема до крајот на месецов, можно е да организира генерален штрајк.
-Нашиот синдикат утре ќе штрајкува. Нашите членови и сите други кои не се наши членови, а сакаат да се приклучат кон штрајкот, ќе бидат во штрајк. Тоа значи дека ќе одат на работа, ќе бидат во просторија одредена за штрајк, но нема да ги извршуваат воспитно-образовните обврски и нема да ги прифаќаат учениците дојдени на училиште, рече Неделков.
Очекува поддршка и од родителите, а во однос на нивната збунетост дали утре да ги пратат децата на училиште, одговори дека не е надлежност на СОНК, туку на училиштата да укажуваат или апелираат дали да доаѓаат или да не. Притоа праша која е причината учениците утре да дојдат ако не бидат прифатени од наставниците и нагласи дека СОНК нема да биде одговорен ако се случи некоја несакана последица за здравјето и безбедноста на учениците.
Рече дека е зачуден и од локалните самоуправи кои за утре најавуваат приредби и свечености за првачињата како за нормално почнување на учебната година, а нивни извори, како што рече, им кажуваат дека се вршат притисоци врз наставници кои телефонски се повикуват утре да ги прифаќаат учениците.
-Вршењето притисок врз слободната волја на оној што решил да штрајкува е кривично дело и законски се казнува. До сите надлежни кои ќе се обидат да го опструираат или, условно речено, да го задушат штрајкот, апелирам да се преиспитаат и да не го прават тоа, зашто ако имаме материјални докази за таква работа, ќе поведеме кривични постапки, рече Неделков.
Министерот Адеми претходно на прес-конференција ги повика директорите и наставниците да се подготват за утре да почне новата учебна 2019/2020 година.
Напомена дека се на иста страна со СОНК кога е во прашање материјалниот статус на наставниците и му порача на Синдикатот дека не се штрајкува кога има одлука за покачување од 5 проценти.
Рече дека за 10,8 проценти е зголемена платата на вработените во основните и средните училишта од август 2018 година, со покачувањето од 5 проценти ланскиот септември и за нови пет отсто овој септември.
МИА