Студените утра и ноќи во Скопје повторно го донесоа загадувањето, замаглувањето и смрдеата во главниот град. Станува очигледно дека веднаш откако залади мнозинството граѓани почнаа да ги палат печките и да користат дрва, нафта, но и пластика и што уште не за да затоплат домовите.
И покрај најавите на градската и централната власт за одлучна борба против загадувањето во изминатиов период граѓаните не видоа ниту еден конкретен чекор што би придонел за намалување на загадувањето.
Поради тоа, факт е дека и претстојнава зима не очекува смрдеа и загаденост над дозволените граници што секако негативно влијае врз здравјето на граѓаните, а посебно кај децата и хронично болните жители.
Неодамна, во Бугарија беа воведени казни за градските татковци кои нема да работат на намалување на загадувањето и се чини дека е крајно време овој пример да се следи и во Македонија, бидејќи во спротивно поради инертноста на градоначалниците, но и на Владата ќе се гушиме и наредната деценија и ќе се зголемува смртноста кај населението предизвикана од болести на респираторните органи.