еМагазин
Image default
БЕНЧМАРК ТОП СТОРИИ

Објавена новата методологија за преговори со ЕУ, ќе важи и за Србија и Црна Гора ако посакаат

Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, ја презентираше новата преговарачка методологија за земјите кандидати пред новинарите и пред европратениците денеска во Брисел.

Вархеји ги потврди четирите принципи врз кои ќе се темели новата методологија доколку биде усвоена од страна на земјите членки: кредибилитет, поголемо политичко управување со процесот, предвидливост и динамичност.

-Сакаме да ја вратиме кредибилноста на ЕУ перспективата за западниот Балкан, врвен приоритет е да имаме стабилност, мир и просперитет во регионот, рече еврокомесарот Вархеји.

Со новата методологија што ја нуди Европската Комисија, земјите членки ќе имаат поголема улога во оценувањето на напредокот на земјите кои преговараат. Преговорите ќе се водат на подинамичен начин преку кластерите (групи на поглавја) кои ќе се отвораат зависно од проценката на напредокот во земјата кандидат, но останува принципот според кој поглавјата поврзани за владеењето на правото и правдата се темел на целиот процес.

Овие поглавја, како и до сега, ќе се отвораат први и затвораат последни. Европската Комисија смета дека со кластерите земјите ќе можат побрзо да напредуваат доколку за тоа покажат способност и подготвеност.

Се зајакнува и можноста за суспендирање на преговорите во случај на прекршување на основните демократски начела, а се нуди и поголем пристап до фондовите на ЕУ. Документот ја нагласува важноста и на испорачувањето на ветеното од страна на земјите членки.

Меѓутоа едно од најчестите прашања и критики упатени до Европската Комисија е што оваа нова методологија нема да важи за Србија и Црна Гора, освен во случај тие самите да побараат да бидат вклучени.

Експертите во Европската Комисија со кои разговараше МИА не можеа да дадат детали околу модалитетите на ова потенцијално вклучување: како и во што би се вклучиле Белград и Подгорица и според кои принципи? Дали овие две земји би можеле да се вклучат само за деловите кои носат бенефити, но не и во построгите делови кои ќе се применуваат за Северна Македонија, Албанија и останатите.

-Двете земји со кои преговараме треба да се согласат да ги сменат правилата, рече Вархеји на прес конференцијата, и додаде дека Србија и Црна Гора ќе имаат право на “опт ин“, односно да побараат вклучување во новата методологија.

-Фер е да биде избор за нив, порача еврокомесарот.

При презентацијата во Европскиот Парламентот, еврокомесарот беше запрашан и за тоа дали е легално што за идните земји што ќе преговараат се воведува принципот на обратно квалификувано мнозинство за замрзнување на преговорите, додека за Србија и Црна Гора важи принципот на едногласност.

-Легално е, принципот на гласање со обратно квалификувано мнозинство е сѐ попопуларно во политиките на ЕУ, идејата е дека во преговарачката рамка за Србија и Црна Гора, Комисијата или една третина земји членки предлагаат суспензија на преговорите, а сега нудиме само Комисијата да може да иницира таков предлог, земјите членки можат да побараат да се предложи такво нешто, но предлогот го носи ЕК, и, доколку ЕК предложи, може да се блокира со обратно квалификувано мнозинство во Советот.

Важно е да имаме вакво влијание во процесот за, кога ќе видиме недостатоци, да можеме брзо да реагираме, изјави еврокомесарот.

Принципот на обратно квалификувано мнозинство значи дека предлогот е усвоен освен доколку се блокира со квалификувано мнозинство. Обичното квалификувано мнозинство значи дека предлогот се освојува со квалификувано мнозинство.

Оваа методологија треба сега да биде усвоена од страна на земјите членки на ЕУ, а Европската Комисија во наредните денови треба да објави нов извештај за реформскиот напредок во Скопје и Тирана.

Земјите членки треба да дадат зелено светло за сите извештаи за да може да се донесе позитивна одлука за почеток на преговори кон крајот на март.

МИА

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Димитров за новата методологија за преговори со ЕУ: Нема од што да се плашиме

Нова методологија за преговори со ЕУ: Секоја членка ќе може да го „замрзне“ процесот за новите кандидати

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Твитерџиите му направија „крвна слика„ на Пендаровски, кандидатот на СДСМ и ДУИ за претседател

Редакција

Српската премиерка Брнабиќ: Тоа што и се случи на Македонија е опасен преседан, потекло на јазик не е билатерално прашање

Редакција

Од Ковид-19 во октомври починале 11 лица

Редакција