Основното јавно обвинителство Велес, по спроведена постапка, поднесе Обвинителен предлог против 23-годишна велешанка за кривично дело – Убиство на миг од член 125 од Кривичниот законик, информираат од Обвинителството.
“Обвинетата, на 29.09.2021 година, во семејната куќа во која живеела, доведена без своја вина во состојба на силна раздразнетост како последица на семејно насилство, го лишила од живот на миг сега починатиот А.Р. со кого живеела во вонбрачна заедница.
Откако се вратиле дома од гости, А.Р. во видно алкохолизирана состојба започнал вербална расправија со обвинетата, нарекувајќи ја со најпогрдни зборови. Таа влегла во спалната соба и легнала да спие, но тој дошол до неа, ја фатил за пижамата и со неа ја влечел до кујната, удирајќи ја со тупаници по главата, увото и левото рамо, како и со клоци по левата натколеница. Потоа силно ја фатил со раце во пределот на вратот да ја дави.
Обвинетата давала отпор и го молела да ја пушти, а во еден момент од масата зела нож и му нанела убодна рана во пределот на срцето. Како последица на убодот, дошло до пореметување и престанок на функционирањето на срцето и смрт кај сега починатиот.
Со оглед на тоа што постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство на обвинетата, заедно со Обвинителниот предлог е доставен и предлог за продолжување на мерката куќен притвор определена за обезбедување на присуството на обвинетата во текот на кривичната постапка“, велат од Обвинителството.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ