Судењето за случувањата во Собранието на 27 април минатата година продолжува утре, откако денешното рочиште не продолжи по паузата поради собраниски обврски на пратениците Сашо Василевски, Васил Арнаудов и Крсто Муковски.
Адвокатот на Сашо Василевски, по паузата, кажа дека тројцата пратеници имаат неодложна координација во Собранието и побарале од судот продолжување на паузата за уште еден час.
Судијката Добрила Кацарска, на тоа реагираше дека требале да побараат подолга пауза уште претходно и дека не може сите останати да чекаат во судница додека да завршат, по што го одложи рочиштето.
За случајот „27 април“ веќе се закажани рочишта за секој ден до крајот на оваа недела.
Во претпладневниот дел од денешното рочиште беше пуштена само една видео снимка од безбедносна камера број 10 во Собранието, што ги покажува случувањата во малиот ходник кој води од холот Длаборез до Сала 3, односно собранискиот прес центар.
Снимката почнува од 18:45 часот, и во ходникот се гледа раздвиженост на луѓе, меѓу кои и неколку лица со фантомки на главата, но и претставници на собраниското обезбедување, МВР и ЕБР. Обвинителката посочи неколку од обвинетите.
Обвинителката Трајчевска, некаде околу 19 часот од снимката посочи дека, од овој момент до 22 часот, обвинителството нема забележано моменти што се важни за овој случај.
Судијката Кацарска, со оглед дека на снимката понатаму ги нема обвинетите, ја праша одбраната дали да се гледа целосно снимката, на што одбраната побара снимката да биде целосно прегледана.
За случајот „27 април“ обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.
На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.
МИА