еМагазин
Image default
Бизнис

Осигуреници лани наплатиле 66 милиони евра

Граѓани, фирми, здруженија и државни институции наплатија над 4 милијарди денари (66,2 милиони евра) од осигурителните компании за настаните штети покриени со неживотно осигурување во 2021 година.

Вкупниот износ на исплатени штети (бруто исплатени штети БИШ) минатата година е повисок за 14 отсто (8,2 милиони евра) во споредба со 2020 година. Лани се исплатени речиси 80.000 пријавени штети, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).

За пријавени штети врз осигуран имот осигуреници лани наплатиле 13 отсто повеќе од 2020 година. Сите 11 осигурителни компании за неживотно осигурување за штети врз осигуран имот лани исплатиле 710 милиони денари (11,5 милиони евра).

Друштвата за осигурување лани исплатиле речиси 9.000 оштетни побарувања на своите осигуреници. За осигуран имот на физички лица се исплатени вкупно 316 милиони денари (над 5 милиони евра), а на правни лица 394 милиони денари (6,4 милиони евра).

Кај најбрзорастечката класа – приватно здравствено осигурување, исплатата на штети го следи растот на продажба на осигурителни полиси. За минатата година девет осигурителни компании исплатиле 211 милиони денари (3,4 милиони евра). Тоа е двојно повеќе од износот на штети што го исплатиле во претходната 2020 година во која поради здравствената пандемија и почна да расте популарноста на оваа доброволна осигурителна класа.

Кај осигурувањето од незгода (најмасовна класа на доброволно осигурување кое покрива речиси 700.000 осигуреници) лани се исплатени штети во вкупна вредност од 434 милиони денари (7 милиони евра). А тоа е за 8 отсто повеќе од претходната година.

За штети врз каско осигурани возила осигуреници наплатиле 507 милиони денари (8,2 милиони евра) или 4 отсто повеќе од 2020 година.

Од помалку застапените класи на доброволно неживотно осигурување импозантни растови на исплатени штети бележат три осигурителни класи. Исплатените штети за карго осигурување се зголемени за 7 пати во односн на 2020 година, а речиси е удвоен износот на исплати за осигурани штети од финансиски загуби. Кај осигурувањето кредити се исплатени 3,75 милиони денари (61.000 евра), додека во 2020 година немало исплати.

Патничкото осигурување е единствената класа во која лани износот на вкупно исплатени штети е понизок во однос на 2020 година. Сите 11 осигурителни друштва исплатиле 40 милиони денари (0,65 милион евра), што е за 15 отсто помалку од 2020 година.

Во најголемата класа – осигурување од автомобилска одговорност 11 компании лани исплатиле 2,1 милијарди денари (34,2 милиони евра) за речиси 30.000 пријавени штети. Износот на исплатени штети лани е за 12 отсто повисок од претходната година.

Во вкупниот износ на исплатени штети лани АДОР „Македонија“и „Еуролинк“ учествуваат со по 362 милиони денари (6 милиони евра), „Триглав“ со 570 милиони денари (9,2 милиони евра), „Сава“ со 463 милиони денари (7,5 милиони евра), „Евроинс“ со 396 милиони денари (6,4 милиони евра), а „Винер“ со 341 милиони денари (5,5 милиони евра).

„Граве Неживот“ лани исплатила 142 милиони денари (2,3 милиони евра), „Уника“ платила 408 милиони денари (6,6 милиони евра), „Осигурителна полиса“ 261 милиони денари (4,2 милиони евра), „Халк Осигурување“ исплатиле 512 милиони денари (8,3 милиони евра), а „Кроација Осигурување – неживот“ 250 милиони денари (4,1 милиони евра).

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Јапонски „Мицубиши” заинтересиран за изградбата на гасна електрана од 250 MW во РЕК Битола

Редакција

Кредитна линија од четири милиони евра од ЕБОР за НЛБ Банка АД Скопје, за кредитирање на станбениот сектор

Редакција

Детален преглед: Кои акции од Македонската берза имаат најголем пораст и пад на вредноста?

Редакција