Македонските граѓани веќе со години наназад секојдневно се манипулирани од политичарите од двете најголеми политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кои наизменично ја држат власта од осамостојувањето на земјава досега.
Затоа, како освежување на македонското политичко миље дојде вчерашното обраќање на претседателот Стево Пендаровски кој во неколку реченици ја погоди суштината на проблемот што го предизвика криминалната афера „Рекет“, но и укажа на чекори кои е потребно да се преземат за да се врати довербата на граѓаните во институциите.
„Изминатиов месец сме сведоци на една огромна криминална афера која ги тресе темелите на важни државни институции и ја доведува под прашање, уште повеќе од досега, довербата на граѓаните во нас, политичарите и во сопствената држава.
Јас, јавно, уште на самите почетоци на аферата „Рекет” го кажав својот став дека сум разочаран од тоа што го слушнав и повикав на брза и темелна истрага. Наместо тоа, надлежните отидоа на годишен одмор како да се работи за редовна состојба и за рутински предмет, а, не е така“, изјави Пендаровски.
Со тоа, тој посочи на несфатлива практика во услови кога земјата ја тресе тежок скандал најодговорните од Владата и Јавното обвинителство да побегнат на летен одмор.
Дополнително, Пендаровски за случајот „Рекет“ во говорот изрази очекување за зголемен мониторинг и од медиумите, како и дека при тоа „треба да ни биде помалку битно кој ги набавил или кој ги дистрибуирал снимките, од тоа дали содржината на разговорите е вистинита или не. При тоа, барам од медиумите, се разбира, без да се нарушува слободата на јавно информирање, внимателно да ги проверуваат информациите пласирани од разни страни, затоа што лажните вести немаат за цел да ја информираат македонската јавност, туку да ја поткопаат вербата на граѓаните во правдата и во државните институции“.
Претседателот меѓу другото порача дека оваа тешка ситуација ја става на огромен тест правната држава, надлежните институции и одговорните политичари.
„Ако надлежните правосудни органи ја истераат работата до крај, а, повторувам – очекувам така да биде и никако поинаку, во тој случај ќе докажеме дека навистина функционира системот, а тоа е најдобриот начин да се врати довербата на граѓаните и на целокупната јавност во органите на прогонот. Во спротивно, ризикуваме нашите граѓани да ја загубат вербата во сите нас, политичарите и во својата држава, но, овој пат, дефинитивно.
Од она што досега е јавно познато, за жал, извесно е дека во случајот се вмешани луѓе од различни профили. Во неодамна објавените аудио снимки се слушаат гласови на бизнисмени, дури и на обвинителка, се споменуваат имиња на истакнати личности. Одговорност, повторувам – мора да има и по вертикална и по хоризонтална линија“, рече Пендаровски.
Со овие зборови, тој само го артикулира мислењето на мнозинството граѓани во земјава на кои веќе им е смачено од политичко-криминалните сојузништва со кои се изигрува правдата во земјава за да се спасат битни ѕверки, додека обичниот народ трпи последици.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: Кабинет на претседателот