Претседателот Стево Пендаровски како врховен командант на вооружените сили на Армијата на Македонија издаде наредба до началникот на Генералштабот на Армијата да се преземат мерки за подготовка на контингент војници и материјално-технички средства коишто најскоро би биле упатени во Словенија за помош во справувањето со последиците од катастрофалните поплави кои ја погодија целата земја.
Како што се наведува во соопштението од Кабинетот на шефот на државата, претседателот Пендаровски претходно во разговор со словенечката претседателка Наташа Пирц-Мусар изрази жалење и сочувство до Словенија и сите нејзини жители за загубите и штетите претрпени во поплавите кои беа со огромен размер и искажа подготвеност за помош.
-Словенија е голем пријател на Северна Македонија, дом на многу наши сограѓани, наш сојузник во НАТО, држава со која соработуваме во повеќе процеси и иницијативи, а целиме да имаме и заедничка иднина во рамки на ЕУ.
Македонското општество се сеќава на помошта која Словенија ни ја дала во минатото при справување со природни непогоди и ние сме подготвени да помогнеме согласно искажаните потреби од словенечката страна во рамки на нашите можности, се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателот Пендаровски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Поради поплавите, Македонија ќе испраќа војници во Словенија, побарана помош и во механизација
Фото: Кабинет на претседателот