Викендов на 11 и 12 април заврши кризната состојба на териториите на општините Дебар и Центар Жупа, информираат од Влада.
„На денешната седница, Владата, по предлог на Главниот координативен кризен штаб, реши да се укинат сите дополнителни мерки предвидени за територијата на споменатите две општини кои беа на сила спрема акцискиот план подготвен на самиот ден, 13 март на стапување на сила на кризната состојба, прогласена за времетраење од 30 дена,“ информираат од Влада.
Од денешен ден за Дебар и Центар Жупа на сила се само мерките кои важат за територијата на целата држава.
„Од епидемиолошки аспект, воведувањето на кризната состојба придонесе во последните 10 дена, да немаме нови случаи на заразени лица со коронавирус. Досегашниот биланс, се надеваме конечен, е следен, од 49 потврдени пациенти со Ковид-19 – 16 се излечени, 4 починати, за 8 се чекаат резултатите од второто тестирање, 29 пациенти се на домашно лекување.
Медицинските лица, како локалните, така и тие дојдени на испомош од другите делови на државата ја заслужуваат најголемата благодарност и пофалба за се што направиле и прават за граѓаните на Дебар и Центар Жупа.
Јавно би ги пофалил локалните власти предводени од градоначалникот на град Дебар, Хекуран Дука, инаку по професија доктор, кои, во тесна соработка со подрачните единици на централните институции, цело време беа максимално ангажирани за ефикасно справување со ситуацијата.
Преку Општинскиот кризен штаб и максималната поддршка на постојаниот штаб на подрачната единица на Центарот за управување со кризи (ЦУК), секојдневно бевме информирани за се што се случуваше,“ изјави Агрон Буџаку од ЦУК.
Тој додаде дека ЦУК секојдневно, преку учество на состаноците на ГККШ, ги пренесуваше сите барања кои беа доставени од кризното подрачје, и можам да констатирам дека на 95 отсто од барањата, (документирано преку дневните извештаи), беше одговорено и постапено.
„Благодарност и до припадниците на МВР, Армијата на РСМ, Дирекцијата за заштита и спасување, Црвениот крст, невладините хуманитарни организации и сите други за нивниот голем придонес за надминување на кризната состојба.
Најголема честитка заслужуваат граѓаните на Дебар и Центар Жупа кои максимално се придржуваа до сите мерки донесени од страна на институциите на системот. Нивното трпение и високата граѓанска свест, придонесоа да имаме релативно и компаративно мал број на заразени и починати.
Најтешкото го поминавме во Дебар и Жупа, да се надеваме и работиме да што поскоро го поминеме во целата држава, преку дисциплина и висока граѓанска свест,“ додаде тој.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Во Боговиње има 7, во Брвеница и Теарце по 5, а во Желино има 1 лице заболено со Ковид-19
Втор случај на лице заразено со Ковид-19 во Пробиштип
Населението во Дебар ќе се тестира за стекнат имунитет на корона вирусот
Убава вест: Во Дебар деветти ден без новозаразени со корона вирусот
Фото: Општина Дебар