еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ ТОП СТОРИИ

Пораката на Атиџе одекна во Скопје, следуваат азиска и официјална европска премиера

Во емотивна атмосфера, со силен аплауз, овации и солзи во очите публиката ја поздрави Атиџе – главната хероина на документарниот филм „Медена земја“ (Honeyland), на затворените проекции што се одржаа на 12 и 13 март во кино „Милениум“, Скопје.

Последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа се заблагодари за топлиот прием преку својот ритуален повик на пчелите. Заедно со Музо и Гамзе, две од децата – протагонисти во „Медена земја“, ѝ се придружија на филмската екипа што ја раскажа нивната приказна на големото платно: режисерите Љубо Стефанов и Тамара Котевска, продуцентот и монтажер Атанас Георгиев, снимателот Фејми Даут и групата „Фолтин“.

Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушувањето на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на природните ресурси.

Филмот е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка SDC, координиран од „Фармахем“, чија раководителка на одделот за животна средина, Марјана Шушлевска, ѝ се придружи на екипата на „Медена земја“ на сцената во кино „Милениум“.

На затворените проекции, наменети за новинарите, филмските критичари, претставниците од дипломатскиот кор и од Владата на Република Северна Македонија, како и за филмската индустрија, се обрати заменик-амбасадорот на Швајцарија, Стефан Томажијан.

– Атиџе, централниот лик во филмот ни праќа мудра порака: „Задржи половина од медот за себе, а другата половина остави им ја на пчелите“. Тоа е порака од жена којашто живее во симбиоза со природата. Жив пример на одржливоста. Но, ова не е само порака, ова е повик за будење за сите нас – креатори на политиките и обичните граѓани.

Искористување на природните ресурси, без да се грижиме за нивната одржливост, е против нашите интереси и против интересите на нашите сопствени деца. Сите ние, поединечно и колективно, треба да ја преземеме одговорноста. Времето притиска. Едноставно, нема добар изговор да не се дејствува сега, рече заменик-амбасадорот на Швајцарија, Стефан Томажијан.

Документарецот, што е во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“, постпродукциски е поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.

Во своето излагање директорот на Агенцијата за филм на нашата земја, Горјан Тозија истакна:

„Да се обезбеди учество на трите најголеми, најпрестижни и меѓународно признати фестивали како „Санденс“ и тие во Берлин и Кан, не е случајност. Зад ова стојат талент, труд и голема пожртвуваност.

Oвие филмски остварувања придонесоа не само кон етаблирање на нашата држава во позитивен контекст, туку се и своевидна потврда дека ние сме земја со голем творечки и креативен потенцијал.

Државата се сака и со филм, со креативност, уметност и знаење и тоа го покажаа Атанас, Љубомир, Тамара, Фејми и Самир кои донесоа три, големи како планина, награди и нѐ направија сите нас горди.

И од една земја скоро невидлива на филмската сцена нѐ етаблираа, во позитивен контекст, и се своевидна потврда дека ние сме земја со голем творечки и креативен потенцијал“.

Со победа во три категории, македонскиот филм „Медена земја“, во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, минатиот месец, триумфираше во конкуренцијата за документарци од целиот свет на престижниот американски филмски фестивал за независни филмови „Санденс“.

Филмот ja доби големата награда на жирито (Grand Jury Prize) за најдобар документарен филм, а на снимателите Фејми Даут и Самир Љума им беше врачена наградата за најдобра кинематографија.

Документарецот го доби и специјалното признание од жирито за влијание за промена (Special Jury Award for Impact for Change).

По проекцијата на 12 март, следуваше коктел и дружба со екипата на „Медена земја“ и Атиџе во Културно-информативниот центар во Скопје. По вчерашното емитување, пак, гостите имаа можност да уживаат во концертот на битолскиот состав „Фолтин“ во „МКЦ клуб и ресторан“.

На големо одушевување на публиката Атиџе се качи на сцената со „Фолтин“ и запеа неколку изворни нумери.

По премиерата на „Санденс“ на 28 јануари и затворените проекции во Скопје, документарецот го очекуваат азиска и официјална европска премиера.

На 28 март македонскиот филм ќе биде прикажан на 43. издание на Интернационалниот филмски фестивал во Хонгконг.

На 3 април филмот ќе се прикажува во престижниот Музеј на модерна уметност (MoMA) во Њујорк.

На 8 април ќе ја доживее својата официјална европска премиера на Филмскиот фестивал „Визионс ду Реел“ (Visions Du Reel) во Нион, Швајцарија.

Следниот ден (9 април) е закажана проекција на отворањето на фестивалот „Магнифисент 7“ (Мagnificent 7) во Белград.

На 13 април следува гостување во Лондон, во рамки на „Фрејмс оф репрезентејшн“ (Frames of Representation) во Институтот за современи уметности на Велика Британија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Да ги поддржиме протагонистите од „Медена земја“ и да станеме дел од една светска приказна

Горчливоста на „Медена земја“ присутна и во секојдневието: Дивите ги бркааат питомите

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Личните карти без „Северна“ ќе важат и по 13. февруари, за во Србија, Албанија, Косово, Црна Гора и БиХ, не се знае дали ќе Ви биде дозволен влез

Редакција

„Леле леле што направивме“: Твитер реакции за шампионот Вардар

Редакција

Каков имот пријавил Борис Кондарко, новиот претседател на Државната изборна комисија

Редакција