еМагазин
Image default
Балкан

Пратеникот Стерјовски во албанскиот Парламент побара финансии, за да се формира редакција на македонски јазик на државната телевизија

На денешната пленарна седница на Парламентот на Албанија, пратеникот од Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски побара од Владата финансиски да ја поддржи државната телевизија, со цел да се формираат редакции на малцинствата, вклучувајќи ја и редакцијата на македонски јазик.

Потсети дека според Законот за заштита на националните малцинства во Република Албанија од пред речиси четири години, албанската државна радио-телевизија на втората програма (РТШ2) почна со емитување вести и програми на повеќе малцински јазици.

-Малцинствата го поздравија овој чин гледајќи во него не само како исполнет услов на нашата земја во рамките на европската интеграција и отворањето на преговорите за членство во Европската Унија, туку и како неопходна потреба за одржување во живот на традицијата и културата на малцинствата, како и за зачувување на нивниот идентитет, рече Стерјовски.

Додаде дека поради недостиг на финансиски средства, сè уште има недостатоци во времетраењето и содржината на емитуваните програми кои не одговараат на реалните потреби и проблеми на малцинствата.

-Бараме од Владата финансиски да ја поддржи албанската радио-телевизија со цел да создадат редакции што ќе им припаѓаат само на новинарите од малцинствата.

Тука ќе имаат можност да бидат креатори на програми, прилози, репортажи и информативни емисии за малцинството што тие го претставуваат и да се ангажираат дописници од областите каде што, главно, живеат малцинства, кои ќе обработуваат разни теми, а ќе се обезбеди и навремено и изворно информирање, посочи Стерјовски.

Првпат емисии на јазиците на малцинствата, вклучувајќи ги и емисиите на македонски јазик, почнаа да се емитуваат кон крајот на септември 2017 година.

Емисијата на македонски јазик се емитува секој ден, од понеделник до петок, од 20.30 до 21 часот. Од полчасовниот термин, 5 до 7 минути се отстапуваат за емисијата вести, а во останатите минути се емитуваат прилози поврзани со македонската култура, традиција, обичаи.

За реализација на емисијата хонорарно се ангажирани две лица.

МИА/Фото: Фејсбук/Стерјовски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Јутарњи лист“ за убиството на децата во Хрватска: Искусниот финансиски консултант на „Фејсбук“ најави дека може да се случи нешто страшно

Редакција

(Фото) „Дали знаеш од каде доаѓа твојата роба (дрога)?„: Фестивалот EXIT одржа лекција по маркетинг

Редакција

(Видео) Над 10 илјади граѓани протестираа во Атина за подршка на Палестина

Редакција