Предлог-закон за употреба на македонски јазик заглави во Собранието и никако да дојде на дневен ред на седница.
Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска неколку пати се обратила до пратениците, претседателот на Комисијата за култура да закаже седница, но се уште нема повратен одговор.
„Не можеме никако да допреме ниту до претседателот, ниту до пратениците Законот да го стават на дневен ред и час поскоро да одиме на амандманска расправа и да се изгласа. Ова е од особена важност, бидејќи јазикот како жива материја се менува, има се понеправилна употреба.
Постои потреба не само лектори туку и од Инспекторат. Секоја друга мерка што ќе предложиме да ја правиме како Влада, ќе биде залудна ако не се изгласа овој Закон.
Залудни се стипендиите кои се даваат на катедрата за македонски јазик, залудно е тоа што Советот ја подготвува Стратегијата која треба да произлезе. Дури не се донесе Законот за употреба на македонски јазик, сме во многу непријатна лимбо ситауција,“ велат од Министерство за култура.
Откако Законот влезе во Собрание, Министерство за култура се подготвува и прави консултации со Инспекциски совет за Инспекторатот и во однос на систематизациите, односно за проширување на местата каде што треба да има лектори.
„Од овој Закон произлегува измената на други закони особено Законот за инспекциски совет, бидејќи правиме Инспекциски совет кој е на повисоко ниво. Во постоечкиот закон казниво е само ако објавен текст на македонски јазик не е лекториран, ако е на друг јазик, не е казниво. Знаеме како некои фирми се регистрираат во Централен регистар, и тоа не е казниво.
Имавме претставка со еден случај каде што јавен документ од јавна установа беше пополнет на друг јазик. Немавме право по сегашниот закон тоа да го казниме. Со казната ќе покажевме дека тоа е јавен документ од општ интерес, кој не смее да биде на друг јазик освен на македонски,“ додаваат од Министерство за култура.
Инаку, Законот за употреба на македонски јазик не е сменет од 1998 година.