Во Македонија веќе е регистриран првиот случај со корона вирус, а повеќе од десет луѓе се наоѓаат во домашна и болничка изолација.
Властите засега успешно се справуваат со ситуацијата и ја менаџираат според протоколите на Светската здравствена организација (СЗО).
Министерот за здравство, Венко Филипче изјави дека се што преземаат е во насока на подготвеност за она што би можело да биде, бидејќи не знаат што не чека.
„Станува збор за нов вирус, кој што се уште не е доволно проучен. Нема ниту вакцина, ниту лек. Се проширува бројот на држави кои што се зафатени, а има подрачја кои се автохтони, односно никој од тие подрачја каде што се појавил вирусот немал контакт со Кина,“ изјави Филипче.
Заради превенција, Владата ги забрани сите јавни манифестации, карневали и препорача спортските натпревари да се играат без публика. Оваа одлука првично се однесува до 6 март.
Но колкави се шансите секој од нас да го фати овој вирус и каква е смртноста?
Микробиологот и универзитетски професор Никола Пановски за „еМагазин.мк“ вели дека шансите да се умре од коронавирус се многу мали, бидејќи конкуренцијата на болести е јака.
„Македонците умираат од стрес, нездрав живот, нечист воздух, односно од инфаркт, мозочен удар и рак,“ вели Пановски.
Тој додава дека, во најлош случај нема да умрат поголем број на луѓе од трагедијата во Романовце. Според него, таа трагедија е со поголем број смртни случаи за Македонија, отколку до сега починатите од корона вирус во Кина.
„2% смртност на милион е 20.000 под услов сите да се инфицираме. Таму умреле двајца на милион жители. Kај нас изгледа ќе бидат тројца на милион, односно сметано на 2 милиона,“ вели Пановски.
Што велат пресметките на хрватскиот научник Штагљер?
Еден од најпознатите светски хрватски научници Игор Штагљар, кој е специјализиран за молекуларна биохемија, но и професор на Универзитетот во Торонто, исто така преку пресметки со бројки се обиде да ја смири хистеријата со корона вирусот.
Кога ја правеше анализата, бројката на заразени со корона вирус беше 79.300, сега таа се ближи кон 84.000. Анализата се однесува бројката од 79.300.
„Вухан има 11 милиони жители. Да претпоставиме дека горенаведените 77.000 заразени сите се во Вухан. Вухан е важен затоа што е жариште на коронавирусот, што значи дека тоа е најопасното место на Земјата по прашање на можноста да се заразите од него, а со самото тоа и најдобриот пример за тоа што зборуваат бројките.
Така, 0,7 отсто од популацијата на Вухан е заразена, а 99,3 отсто од населението во градот нема вирус. Зборувам за градот од каде што почна епидемијата. Исто така, да не заборавиме дека повеќе од 10.000 луѓе во меѓувреме се излекувале од вирусот. Значи, сегашниот број на заболените не е 79.300, туку 79.300 минус 10.000 излекувани и минус 2.500 смртни случаи, т.е. во моментов има под 70.000 заразени, а не 79.300.
Ако сте постари од 80 години и сте заразени со вирусот Ковид-19, шансата да умрете е 14,8 отсто. Ова значи дека 85,2 отсто од луѓето ќе оздрават. Ако сте на возраст помеѓу 50 и 60 години, имате 1,3 отсто шанси да умрете ако сте заразени со вирусот.
За помладите од 40 години, шансата е 0,2 отсто. Значи, 99,8 отсто од младите под 40 години кои ќе се заразат, ќе се излекуваат. Но, еве еден факт – тоа е само ако се инфицирате со вирусот. Шансата да се заразите, врз основа на речиси тримесечната епидемија на изворот на зараза во Вухан, е само 0,7 отсто. Така што, 99,3 отсто е веројатноста дека вирусот никогаш нема да стаса до Вас.
Тие 0,7 отсто се, всушност, клучната ставка затоа што стапките на смртност одат на тоа.
Значи, ако имате 85 години, тоа значи дека имате 0,7 отсто шанси воопшто да се заразите од вирусот, па ако го „закачите“, имате уште 14,8 отсто шанси да умрете од него, или вкупно имате 0,103 отсто шанси да умрете од вирусот. Тоа значи дека шансата дека нема да умрете од тој вирус е дури 99,897 отсто.
За еден 45-годишник, тие две шанси помножени изнесуваат 0,0028 отсто дека коронавирусот ќе ги убие, а 99,9972 отсто дека нема.
За еден 35-годишник веројатноста дека нема да умре од овој вирус е 0,0014 отсто. А, дека нема да умре е 99,9986 отсто.
Внимавајте, тоа е 0,7 отсто воопшто дека ќе го добиете и 0,2 отсто дека ќе умрете од него ако сте под 40 години,“ пишува Штагљар.
Инаку, бројот на заболени од новиот коронавирус во светот се ближи до бројката 84 илјади, меѓу кои и нешто помалку од 2.900 смртни случаи. Вкупниот број на излекувани пациенти изнесува близу 37 илјади, активни случаи во светот се околу 44 илјади, од кои 82 отсто се со благи симптоми, а 18 проценти се со тешки или многу тешки симптоми.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Имунитетот е најдобар сојузник во борбата против корона вирус, како да го подобрите
Како се лекуваат пациентите заразени со корона вирусот?
Како да се заштитите од корона вирусот: АПЕЛ за целосно почитување на превентивните мерки
На овие телефонски броеви може да се јавите при сомнителни симптоми на корона вирус
Вакцина против коронавирус ќе биде тестирана најрано во април