Претседателот на Народното собрание на Република Бугарија, Росен Желјасков, кој е во посета на Македонија верува дека дека разумот и политичката волја во земјава ќе надвладеат и дека до крајот на годинава ќе бидат усвоени уставните измени, за да во Уставот влезат и Бугарите.
-Јасно е дека има мнозинство, но тоа е недоволно во моментот, но како што споделив една мисла – државниците мислат за наредните генерации, а политичарите мислат за наредните избори, подвлече тој, посочувајќи дека за Бугарија е исклучително важно Македонија и Албанија заеднички да се движат по патот кон ЕУ.
Со неговиот македонски колега Талат Џафери рече дека разговарале и за имплементацијата на Договорот за добрососедство, потпишан во 2017 година.
-Истакнавме дека довербата што треба да ја градиме треба да се спротивставува на говорот на омраза, а гаранција за тоа е ефикасното почитување на правата на бугарската заедница, а уставните измени се дел од тој пат.
За нас е важно да се знае дека за Република Северна Македонија нема друга алтернатива освен европската, при што се обраќам со молба и апел до медиумите да заборавиме на одредени наративи, затоа што на Балканот многу лесно се распламтува искрата на напнатоста, но ние на нашите народи им должиме заедничка европска иднина и мирно егзистирање во овој свет полн со тензии.
Затоа и нашата посета денеска е израз на нашите најдобри намери, на нашето пријателство, затоа што нашата иднина е нашиот ангажман кон идните генерации, изјави Желјасков.
Фото: Собрание