Претседателот Стево Пендаровски од денеска е во тридневна посета на Мадрид, Шпанија, каде што ќе учествува и ќе ја предводи делегацијата на Македонија на Самитот на НАТО Алијансата.
Во состав на државната делегација се министерката за одбрана Славјанка Петровска и шефот на дипломатијата Бујар Османи.
Според агендата, денеска Пендаровски, придружуван од сопругата Елизабета Ѓоргиевска ќе присуствува на свечена вечера, која во чест на лидерите на земјите-членки на НАТО, учесници на Самитот, ја приредува кралот на Шпанија, Фелипе Шести и неговата сопруга кралицата Летиција.
Претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, утре и задутре ќе учествува на состаноците на Северноатлантскиот совет, што се одржуваат на ниво на шефови на држави и влади.
Пендаровски утре во придружба на сопругата, ќе присуствува на неформалната трансатлантска вечера на ниво на шефови на држави и влади, која ја приредува претседателот на Владата на Шпанија, Педро Санчез.
Во рамки на учеството на НАТО Самитот, предвидено е претседателот Пендаровски да има повеќе билатерални средби.
На НАТО Самитот во Мадрид ќе бидат адресирани ургентните безбедносни предизвици на денешницата и иднината. Лидерските состаноци на Северноатлантскиот совет е предвидено да бидат фокусирани на усвојување на новиот Стратегиски концепт, унапредување на одбранбените капацитети, споделување на товарот и снабдување со ресурси, поддршка за Украина и останати партнерства.
Фото: Кабинет на претседател