Јавното обвинителство соопшти дека по поднесената кривична пријава од Министерството за внатрешни работи, издадена е наредба за спроведување на истражна постапка за овие десет лица, поради основано сомнение дека се соизвршители и сториле кривично дело „напад врз службено лице“.
Осомничените во четвртокот околу 20 часот, на стариот пат Прилеп-Велес над манастирот „Св Ѓорѓија” во селото Присад, физички нападнале петмина полициски службеници од Полициското одделение во Чашка.
Полицајците забележале три моторни возила без регистерски таблици и ги запреле заради проверка. Едно од возилата побегнало, а другите две, едното марка „Гранд Чироки“, а другото марка „Лада Нива“ биле сопрени и во нив се пронајдени бесправно исечени дрва.
Додека полициските службеници изготувале записник во врска со постапувањето, пристигнала поголема група лица меѓу кои и осомничените, кои почнале со бејзбол палки, метални шипки, рачки од секири, дрва, камења и други предмети да удираат по полициските службеници и службеното возило на полицијата.
Од ударите, на еден од полициските службеници му нанеле тешки телесни повреди – скршеница на десна рака и фрактура на главата со обилно крварење, а останатите се задобиле со набиеници по главата и телото.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Петмина полицајци претепани од дрвокрадци, едниот со потешки повреди