Ви ја пренесуваме последната анализа на професорот Дејан Трајковски, кој на Фејсбук редовно ја анализира состојбата со ковид во Македонија.
„18.02.2022. Според податоците од јануарскиот билтен на Државниот завод за статистика (ДЗС) пресметана е одвишната смртност, над очекуваната сезонска смртност по месеци.
Очекуваната сезонска смртност, со ниво на доверба од 95%, се наоѓа помеѓу портокаловата и сивата линија на првиот дијаграм.
Вистинските месечни броеви на починати се прикажани со сините прачки на истиот дијаграм.
Делот од сините прачки надвор од брановидните линии (над сивата линија) ја прикажува одвишната смртност.
Дел од одвишната смртност (сината линија на вториот дијаграм) е објаснет со официјалниот број на починати од ковид (портокаловата линија на вториот дијаграм), а дел е необјаснет (сивата линија на вториот дијаграм).
Меѓу објаснетата и необјаснетата одвишна смртност постои висока корелација, со коефициент на корелација r=0,60, што покажува дека најголем број од починатите коишто ја чинат необјаснетата одвишна смртност се всушност починати од ковид, кои не биле евидентирани во официјалниет ковид статистики.
Голем број претставуваат индиректни жртви на ковид, поради нелекување на други болести, како и пост-ковид жртви.
На вториот дијаграм многу убаво се гледаат врвовите на брановите на вуханскиот сој, алфа и делта сојот.
Да ги видиме сега бројките. Од почетокот на епидемијата до 30.11.2021 одвишната смртност (над очекуваната сезонска смртност) изнесува 13.411 умрени лица, со 95% интервал на доверба од 12.647 до 14.174.
Во истиот период официјално од ковид починале 7.581 лица, односно најверојатниот број на починати е за 76,9% поголем од официјалниот (со 95% интервал на доверба од 66,8% до 87%).
Инаку, во истиот период од 20 месеци смртноста е поголема за околу 40,9% во однос на очекуваната сезонска смртност, којашто би била без епидемија. Овој податок е важен за оние кои сé уште мислат дека „луѓето секако умирале од старост и од грип“.
Иако од ДЗС недостасуваат официјални податоци за умрените после ноември 2021. Доколку ги примениме претходно споменатите множители (76,9% одвишна смртност, со интервал од 66,8% до 87%) на официјалниот број на починати од ковид од 01.12.2021 до 14.02.2022, добиваме дека вкупниот (неофицијален) број на починати од ковид или последици од ковид изнесува 15.555, со 95% интервал на доверба помеѓу 14.669 и 16.440.
Овој број на изгубено население приближно одговара на град со големина на Гевгелија!
Доколку сметаме со население од 1,8 милиони жители, одвишната смртност во Македонија изнесува околу 864 починати на 100.000 жители, со што Македонија се наоѓа на второто место во светот, веднаш после Бугарија.
Со население од 1,7 милиони би биле први на светот, но да ги почекаме официјалните резултати од пописот на населението“, пишува тој.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Проф. Трајковски: Најголема е користа од вакцинација на претходно непрележани лица
Фото: Трајковски/Фејсбук