Професорот Дејан Трајковски, кој редовно ја анализира ковид-состојбата во Македонија, овојпат ја анализира ефективноста на заштитата од прележувањето.
„Досега воглавно се занимававме со ефективноста на вакцините (намалување на ризикот) против заразување и смртен исход.
Слична пресметка за Македонија за прв пат гледаме тука и за прележувањето.
На дијаграмот ги гледаме неделните инциденци на заразување на милион лица, непрележани (со црвена линија) и прележани (сина линија).
Сé до пред две недели инциденцата кај прележаните (пред 6 и повеќе месеци) била 5 пати, односно за 80% помала отколку инциденцата кај непрележаните.
Ова намалување на ризикот („ефективност на прележувањето против заразување“) е прикажано со дебела зелена линија и моментално изнесува одвај 40%.
Последниве две недели, како што Омикрон сојот започнува да доминира, ефективноста започна нагло се намалува, а во наредните 10-15 дена, како што Омикрон ќе достигне 100% застапеност, не би било ништо чудно заштитата од прележувањето да опадне на околу 20%.
Тоа би значело дека сите коишто прележале пред Делта сојот, односно пред јуни 2021 година, се потенцијални жртви на заразување со новиот Омикрон сој. Со тоа епидемијата практично се враќа речиси, иако не сосема, на самиот почеток, барем што се однесува до заразувањето.
Поскоро прележаните би требало да имаат подобра заштита од заразување.
Кај смртните случаи ситуацијата би требало да биде подобра, затоа што прележаните сепак имаат развиен мемориски имунитет, којшто бргу ќе реагира со создавање антитела во рок од 2-5 дена по заразувањето и така ќе спречи поголеми штети во организмот.
Кон ова треба да се додаде и дека Омикрон сојот поретко слегува во белите дробови и воглавно се задржува во горните дишни патишта, што исто така влијае на понискиот леталитет (nature.com, nature.com).
Сепак, огромниот број на заразени се заканува да испрати многу луѓе во изолација и на боледување, со што може да биде загрозен нормалниот работен процес во претпријатијата и институциите.
Неопходно е воведување на рестриктивни мерки, а не препуштање на епидемијата стихијно да се шири, со цел колку-толку да се развлече епидемиолошката крива, односно бранот да се сплеска и развлече на подолг временски период,“ пишува Трајковски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кои се најчестите симптоми на омикрон?
Крај нема: На Кипар откриена нова варијанта на Ковид-19, хибрид од делта и омикрон
Фото: Фејсбук/Трајковски