еМагазин
Image default
На кафе во Кантина ТОП СТОРИИ

Сашка Цветковска: Новинарите ги изневерија граѓаните

Сашка Цветковска е една од ретките новинари во Македонија која остана доследна на вистинското истражувачко новинарство. Таа и тимот од Истражувачката репортерска лабораторија – ИРЛ Македонија во периодов се актуелни со сторијата за советниците на премиерот Зоран Заев, која предизвика лавина од реакции во јавноста и на социјалните мрежи, како и во политичкиот живот.

Во изминатите години таа работеше на серии домашни и меѓународни истражувања кои открија корупција, нелегална трговија со оружје, шпионажа и трговија со влијание, а нејзините текстови се објавуваа во едни од највлијателните глобални медиуми како „Гардијан“, „Базфид“, „Дер Стандард“ и други.

Сакав да бидам писател

На Цветковска пишувањето не и непознато уште како дете. Вели дека во тоа време сакала да стане писател.

„Во раното детство не бев претерано социјално дете. Многу време поминував со дедо ми, па така уште на четири години знаев да пишувам и кирилица и латиница. Со него научив и да читам и да пишувам. Така настанаа моите први песнички, кои ги им читав на гостите кои умираа од здодевност, но ме трпеа 🙂 “, ракажува таа.

Има помал брат, Влатко, кој денеска работи како кувар во Германија. Потекнува од работничко семејство, и уште во раното детство ги искусува економски тешките времиња кои ќе бидат обележани со падот на работничката и чиновничката класа која го чини мнозинството во стариот систем.

„Мајка ми, која е почината, работеше во стоковните куќи „26 јули“ и „8 март“, а татко ми беше машински техничар во исто така пропадната во мрачните периоди на приватизациијата „Маврово“, вели таа.

Растела во скопската населба Чаир, па вели дека уште од мала знаела како изгледа да се живее во мултиетничка средина. Тоа и помогнало да ги разбере одблиску вистинските проблеми на луѓето за кои, што, како што вели, малкумина овде можат вистински да разберат дека всушност заедничките проблеми се далеку поголеми од наметнатите лажни проблеми на елитите водени од профит кои што сакаат да ги разделат луѓето за полесно да  ги контролираат.

„Тоа е она што јас го подразбирам под етничка тензија – креирани и диригирани конфликти на Балканот во зависност од потребите на балканскиот организиран криминал којшто е длабоко пенетриран во институциите во последните три децении.

Но, на луѓето веќе им е јасно и овие провокации како што гледаме се потешко ќе успеваат. Затоа и мисијата на ИРЛ Македонија е така дизајниранна – преку известување за корупција и организиран криминал на оригинален начин и со поддршка на граѓаните од борбата против корупција да создадеме движење проти корупција.

Растев со сите тие страшни настани поврзани со воениот конфликт од 2001 година и со спомените за земјата што некогаш била добра. Гледав во живо како се распаѓа земјата (Југославија), како луѓето остануваа без работа, какви страдања донесе транзицијата.

Се околу мене се распаѓаше, луѓето беа колективно депресивни, гледавме како се распаѓаат цели семејства од грижи и нервози, гледавме како другите помоќните ги понижија овие луѓе. Бидејќи, крајниот продукт на корупцијата е хаос и сиромаштија.

Кога сте сиромашен, кога вашето население денеска има единствена мисија да јаде и да не остане без греење, не можеме да очекуваме дека тие наши сограѓан ќе го имаат луксузот да размислуваат за слобода на говор или да учествуваат во некакви прогресивни дебати, бидејќи мора да се борат да преживет физички. Преживувањето не е живот. Тоа значи дека моќните со демонстрирана или премолчана поддршка на добар дел од интелектуалната елита луѓе им го одземаа достоинството на мнозинскиот дел од нашите сограѓани и така ги замолчеа и обезмоќија“, вели таа.

Нашата генерација има потреба да ги исправи работитие

Таа вели дека нејзината генерација била најголемата жртва во целиот овој период.

„Се запишав во прво одделение во 1990 година. Ќе споделам едно сеќавање во врска со мојот прв ден во училиште. Живеевме во земја во која дотогаш првооделенците станува титови пионери. Се облекувале капи и црвени марами.

Паметам дека родителите и наставниците не беа сигурни што треба да направат, бидејќи не беа сигурни во која земја живеат. На крајот решија да ни дадат само марама, без капа, за секој случај, тоа беше компромисот.

Тоа беа времиња на колектива збунетост. Се чинеше дека генерацијата на нашите мајки и татковци не беа подготвени за она што следуваше: големи страдања од чиј што товар сме испуштиле многу малку во последните три децении. Мојата генерација беше осудена да биде невидлива, да биде генерацијата растена под притисокот на деструктивниот компромис којшто го направија претходните генерации – да живет малку во старата држава, малку во новата“.

Таа вели дека сите овие работи, тоа чувство како боли неправдата, неповратно Ве определуваат и емотивно и идеолошки и на секој начин. Па така не е никакво изненадување изборот на професијата, имајќи го во предвид нејзиниот бунтовнички дух.

Прогресивноста не е на цена

Од времето на средношколските денови убаво се сеќава на тогашната ораторска вечер, кога сакала да се престави со тема зошто момчињата можат отворено да зборуваат за маструбација, а девојчињата не, што не поминала, а во училиште била повикана и нејзината мајка.

„Нормално темата не ми помина“.

Уште на 16 години ги има првите работни искуства како шанкерка во скопските кафулиња, култното „Бастион“ и Стар кафе, за што подоцна ќе биде осудувана од колеги новинари.

„Пишуваа коментари на ФБ од типот: „таа ја знам келнерката, таа ли ќе кажува“. Не случајно Македонија е општество во кое стереотипите се толку промовирани, ако има такви луѓе во медиумите, а верувајте ги има многу“.

Првото работно искуство од оваа сфера и е во ТВ магазинот Еврозум и А2 телевизија која во тоа време се отвара со дел од најискусните – ѕвезди новинари од некогашната телевизија А1.

По две години во А2, Еврозум и дел од тимот се селат на А1 телевизија и таму остануваат до затворањето на телевизијата во 2011 година.

„Бракот на Груевски со Велија заврши трагично“

Во жижата влегува со искусниот новинар Борјан Јовановски кога таа работи на емисијата „Еврозум“, а од времето додека е во А1, ја паметиме и по сторијата која предизвика големо внимание во јавноста а се однесуваше на списоците со гласачите, на која работеше заедно со новинарката Наташа Стојановска.

„Борјан и Младен Чадиковски беа уредници на овој тим и не водеа низ приказната. Тоа беше дело на многу луѓе“, вели таа.

„Цензурата и самоцензурата постоеја на многу подискретни начини отколку во другите телевизи. На пример, во А1 тешко можеше да се случи некој да остане без работа само затоа што ги одбил нарачките од власта или од сопственикот.

Но, факт е дека тие постоеја и некои таканаречени колеги на драго срце ги извршуваа. Сепак, во А1 имаше некаква демократија, пред се затоа што Велија не можеше да си дозволи да ги понижува новинарите со интегритет. Од причина што телевизијата нему му беше примарен бизнис, центарот на неговиот обрт и приход, за разлика од другите сопственици на кои телевизиите им се крпи за бришење под – зошто? Затоа што ним телевизиите им се поддршка на другите нивни бизниси. Затоа и првичниот брак на Велија Рамковски со Никола Груевски заврши трагично“.

Новинарството не е угледна професија

По затворањето на А1, станува дел од новиот проект ТВ Нова, заедно со колегите од А1, Борјан Јовановски, Биљана Секуловска и Менче Атанасова Точи, во кој е заедно со уште неколку поранешни новинари од телевизијата.

Во тој период работи на низа истражувачки стории врзани, како што вели, со опасни и моќни луѓе, како поранешниот прв човек на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков и бизнисменот Орце Камчев и многу други.

Таму беше дел и од глобалното истражување „Панама Пејперс“ наградено со Пулицер, кое резултираше со затворање на компанијата „Монсек Форсека“ во Панама и се смета за досега најголемото светско колаборативно известување за организиран криминал и корупција кое се водеше во повеќе од 100 земји со над 500 новинари и десетици глобални медиуми.

По заминувањето од ТВ Нова работи на проектот „Проверено“ кој се емитуваше на телевизијата 24, а потоа заедно со уште неколку колеги го формира здружението Истражувачка репортерска лабаротирија (ИРЛ), за како што вели пред се ја врати довербата на граѓаните во новинарството.

„Новинарите ги изневерија граѓаните. Новинарството повеќе не е угледна професија. Но, новинарите им требаат на граѓаните и обратно. Нема да има слободни медиуми ако тоа не дојде како барање на граѓаните.

Знаете, од луѓето што не носа значки, од редовите на оние без овластувања и моќ ние сме единствените обични смртници што имаат пристап до круговите на моќта. Ние сме на некој начин, најдобрата шанса ова општество да стане подобро.

Затоа граѓаните имаат право да не критикуваат и да бараат да сме подобри. Тие ни ја даваат моќта да пристапиме кон тие кругови, ние сме единствените без моќ и ресурси кои можеме да бидеме сведоци на граѓаните и да им кажеме што навистина се случува, да ги предупредиме кога се потребни акцции, да соопштиме кога некој ги лаже и изневерува“, вели таа.

ИРЛ е основана со иницијална поддршка на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција (Organized Crime and Corruption Reporting Project).

OCCRP е истражувачка репортерска платформа формирана од повеќе од 40 непрофитни истражувачки центри и неколку регионални и глобални новински организации низ светот, а партнери на ИРЛ во невладиниот сектор се младинските иницијативи Здружението на граѓани за вклучување на млади во процеси на одлучување во здравството „Клуб на млади лекари“ и медиумската младинска организација „Крик“, како и 44 партнери од Централна Азија, Африка, Европа и САД преку мрежата на OCCRP.

Минатата година Цветковска е изгласана од страна на членките на редовно собрание на OCCRP за член на Одборот на директори  – претставник на членките со мандат од 3 години.

„Колеги ми се јавуваат да ми пренесат пораки од власта“

Истражувачкото новинарство не само што бара голема посветеност, носи и голем ризик, посебно кога приказните се однесуваат на власта или на одредени центри на моќ.

Па, Цветковска извесен период се движела со телохранители, кога работела на приказна за трговија со оружје. Вели дека тоа е вообичаено кога се известува за организиран криминал и корупција, бидејќи луѓето со кои се борите имаат неограничени ресурси и моќ.

Во минатите три години Мрежата загуби тројца новинари кои беа убиени поради својата работа  – во Малта, во Словачка и во Белорусија.

„Не ретко и колеги пратени од некој во власта ми се јавувале да ми препратат порака. Притисоци има и од самите колеги кои истражувањата ги ставаат во наводноци за да им ја омаловажат тежината со цел да ги одбранат своите омилени политичари.

Постојано сме критикувани дека со некои од приказните кои се критични кон оваа власт ќе го помогнеме враќањето на Груевски. Јас не можам да го разберам ова. Ние новинарите сме покажале многу поголема доблест од политичарите.

Покажавме и колку е длабок нашиот сенс за државотворност кога поголемиот дел медиуми дадода поддршка за евро-атланските процеси.

Од доаѓањето на власт за време на предизвиците кои можеа или да ја однесат Македонија во старата мрачна провалија од деведесетите или да ја трасират на патотот на реформите, ние новинарите дадовме поддршка. Но, тоа не значи дека таа подразбира неетички компромиси.

Нашата работа е да го гледаме она што не чини, колку и да е малку, тоа нешто да ни боде очи. Тоа е за мене патриотизам ако ме прашувате. Ние не можеме да забораивме дека сме новинари, да заборавиме што е нашата мисија и кому му служиме“, вели таа.

Преку истражувачкото новинарство и тестирање нови модели на градење доверба и градење медиуми, во иднина преку ИРЛ планира многу повеќе да се посвети на вистински активизам во борба против корупцијата, непотизмот, клиентелизмот…, кои се сериозни проблеми во нашата земја.

„Не е лесно да се врати довербата на граѓаните во новинарството. Таа доверба треба да се оправда и заслужи“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

На „црната листа“ за санкции во следните неколку месеци ќе видиме едно или две имиња, најави американската амбасадорка Агелер

Редакција

Мадона протестира за контролата на оружје со вознемирувачко видео за песната “God control”

Редакција

Денеска завршува француското претседавање со ЕУ, ветото од Бугарија за Македонија остана

Редакција