Пратеникот и портпарол на СДСМ, Коста Костадинов денеска изјави дека тие ќе ја прифатат резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
-Позициите на СДСМ во однос на македонскиот јазик и идентитет се кристално јасни и многупати досега потврдувани и кажани во јавноста. Македонските идентитетски линии им се јасни на сите и на нашиот народ и на целата меѓународна јавност.
Доколку Христијан Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ не се сигурни во тоа, ако им треба потврда и во Парламентот, ние како конструктивно парламентарно мнозинство без никаков проблем може да направиме и таков чекор и ќе ја прифатиме резолуцијата таква каква што е, каква што всушност и ја видовме од медиумите.
Затоа што официјален предлог до нас како пратеници нема, изјави Костадинов на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање.
ВМРО – ДПМНЕ, согласно Уставот, додаде тој, треба официјално до секој пратеник да ја испрати резолуцијата.
-Избиваат на површина буквално сите лаги што ги пласираа ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски во однос на национално предавство, во однос на загрозувањето на нашиот македонски јазик и идентитет.
Со тоа уште еднаш испраќаме силна порака дека апсолутно македонскиот идентитет и јазик се затворена тема и треба да им биде јасно на сите. Со сигурност нема да дозволиме македонскиот идентитет да се користи за партиски препукувања и како одговорни политичари имаме обврска да го направиме, рече Костадинов.
Македонскиот идентитет, потенцираше тој, е светост која е повисока и поважна од рејтингот на Мицкоски и ВМРО – ДПМНЕ.
– Испраќаме силна порака дека ќе работиме силно на интеграција во ЕУ со заштитен македонски јазик и идентитет, рече пратеникот Костадинов.
Во Собранието денеска пратеници од опозициската партија одржуваат средби со пратеничките групи за поддршка на нивната резолуција.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
МИА