еМагазин
Македонија ТОП СТОРИИ

Поради Бугарија шансата за почеток на преговори на Македонија со ЕУ годинава е сведена на нула

Повеќе високи дипломати од земји членки на ЕУ потврдија дека Северна Македонија речиси сигурно ќе биде блокирана од страна на Бугарија на следниот министерски совет на Унијата, на кој требаше конечно да биде усвоена преговарачката рамка, јави дописничката на МИА од Брисел.

Амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Брисел се состанаа денеска да ги разгледуваат заклучоците што треба да бидат усвоени на 8 декември од страна на министрите за европски работи.

Од заклучоците е отстранета опцијата за вклучување на датум за одржување на првите меѓувладини конференции со Албанија и Северна Македонија поради ветото на Софија за Скопје, датумите ќе бидат вклучени во самите преговарачки рамки кога тие ќе бидат усвоени, објаснуваат дипломатите од земјите членки на ЕУ.

„Со оглед на ситуацијата можам да кажам дека нема многу надеж за меѓувладина конференција и отпочнување на преговорите со Северна Македонија оваа година поради ветото на Бугарија“, вели дипломат од западна земја членка на ЕУ.

Бугарија на денешниот амбасадорски состанок повторила дека нема да даде зелено светло за Северна Македонија на идниот министерски состанок на 8 декември.

За Албанија ситуацијата е нејасна, велат од Советот, поради тоа што на земјата уште во претходните министерски заклучоци и беа наложени дополнителни услови.

Сепак одреден број земји членки сметаат дека треба „посилна одлука за Албанија“, но неизвесно е дали Тирана сепак ќе добие почеток на преговорите оваа година, велат дипломатите.

Земјите на ЕУ кои важат за поддржувачи на проширувањето, сепак сметаат дека крајните заклучоци треба да бидат поспецифични дури иако не се вклучи никаков датум.

„Консултациите продолжуваат на оваа тема“, велат од Советот на ЕУ.

Амбасадорите треба повторно да се состанат в среда.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Корона вирусот „пристигна“ во Европа: Во Германија потврден првиот случај

Редакција

Децата со пречки во развојот или со посебни потреби се ослободени од носење маски во училиште

Редакција

Како тоа го прави Груби: Коалционите партнери на Заев „летат“ орли кај ќе стигнат

Редакција