Основното јавно обвинителство – Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица кои се сомничат за кривично дело „правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување“ согласно член 271 став 2 од Кривичниот законик, соопшти ОЈО Скопје.
Осомничените по потекло од Камерун, од кои едниот жител на Франција, а вториот на Луксембург, според Обвинителството, на 4 октомври пристигнале на граничниот премин на Меѓународниот аеродром Скопје без да поседуваат валидна документација за влез во земјава и финансиски средства потребни за престој.
– При проверка, во нивниот багаж било пронајдено поголемо количество предмети за правење лажни пари. Така, првиот осомничен во багажот имал 3.744 парчиња црна хартија исечени со идентична големина како оригинални евро банкноти со видлив принт на пари од по 50, 100, 200 и 500 евра.
Кај вториот осомничен, пак, биле пронајдени 5.632 парчиња бела хартија исечени со идентична големина како оригинални евро банкноти со видлив принт на пари од по 50, 100, 200 и 500 евра, како и 78 парчиња хартија без ознака.
Вкупниот износ на фалсификуваните евро банкноти во рана фаза за изработка изнесувал 902.150 евра, објаснуваат од скопското Обвинителство.
Воедно, од таму додаваат дека кај осомничените биле пронајдени и две шишиња со течност, едното со жолтеникава, а другото со темно-црвена боја, кои се користат за диференцирање на обичната хартија од онаа на која се печатат банкноти, како и една УВ-ламба.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата странски државјани за кои постои опасност да се дадат во бегство или да го повторат делото.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ