еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Судот нема право да утврдува кои онлајн медиуми и граѓански организации смеат да се бават со новинарство, порачаа новинарите на протест

„Ми се објавува, ми се плаче“, „Право на вистината пред бизнис интересите“, „Не сме џубокс, ние сме новинари“, „Не се претставувам лажно, сакам да објавам нешто важно…“, ова се дел од пораките што новинарите ги испратија на денешниот протест на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) што се одржа пред Граѓанскиот суд во Скопје.

Под мотото “Правото на граѓаните пред интересот на моќниците“, новинарите и медиумските работници го кренаа гласот против неправдите врз новинарите кои кулминираа со пресудата против Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), со која судот си додели улога да одредува кој смее, а кој не смее да биде новинар.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

„Новинарите на ИРЛ не се новинари“: ЗНМ со остра реакција за пресудата на судијката Панева

-Сметаме дека судот нема право да утврдува кои онлајн медиуми и граѓански организации смеат да се бават со новинарство, велат од ЗНМ.

Пред колегите новинари и медиумски работници свои обраќања имаа новинарите Сеад Ризвановиќ, Ирена Мулачка, Мефаил Исмаили, како и претставничката на Блупринт – групата за реформи во правосудството Тона Карева.

-Се повторува сценариото од времето на А1, и тогаш како и сега знаевме за што се работи, не беше целта да се затвори телевизијата, беше целта да не замолчат, постапка која се преслика после тоа на други медиуми и на други начини. Се сеќаваме и на прогонот на Томислав Кежаровски и други случаи. Сега се случува во друга форма, но содржината е иста.

Овие судии и судот треба да знаат нешто – ние сите овде не зборуваме во наше име и во име на медиумите за кои работиме, туку во име на граѓаните. Ние сме гласот на народот, бидејќи кога ние зборуваме зборуваат граѓаните, кога сакаат да не забранат нас ги забрануваат граѓаните. Токму затоа сакам да им порачам – не му успеало на никого до сега, нема ни да успее во иднина. Само ќе не направат посилни и погласни!, рече Ризвановиќ

Мулачка рече дека истата судијка која што ја донесе одлуката и кажа дека новинарите не се новинари и треба да си ги објавуваат текстовите кај нив дома, во 2014 година има донесено уште една одлука каде што беше осуден „Фокус“ за тужбата од Сашо Мијалков од 9.000 евра за кои ЗНМ помогна со помош на донации.

-Истата таа судијка колегата и новинар од „Сакам да кажам“ го направи (не)новинар за време на „крвавиот четврток“ кога тој беше дел од луѓето во Собранието кои беа повредени, а можеа да бидат и убиени.

Години наназад судиите работат во корист на бизнисмените и политичарите, а ние новинарите сме тука да ја кажеме вистината. Не може никој да не замолчи и спречи да го кренеме гласот или пак да ја објавиме вистината која е важна за граѓаните.

Најважно од се е новинарското перо и јавниот интерес се пред се друго бидејќи луѓето мора да бидат запознаени што се случува во државата, рече Мулачка.

Карева како претставник на граѓанските организации го пренесе гласот на истите.

-Би сакала да кажам дека го поддржуваме и протестот и реагираме остро на ваквата пресуда која што е скандалозна и директно ги повредува правата на здружување и правата на приватност како основни права загарантирани со Уставот на РМ, но и со сите меѓународни конвенции.

Кога довербата во правосудството е на вакво ниското ниво, овој тип на пресуда не придонесува за зголемување на довербата и судиите мора да се одважат и да работат согласно законите и меѓународните стандарди и принципи.

Ваквата пресуда праќа порака до граѓаните дека треба да останат безгласни и пасивни во однос на корупцијата и на правдата, што е спротивно на сите принципи и стандарди, правото мора да служи на правдата, а здруженијата на граѓани мора да останат посветени да работат на едно демократско општество каде што борбата против корупција и владеењето на правото и демократијата ќе бидат главни принципи, потенцираше Карева.

Исмаили рече дека „пресудата кон ИРЛ и колешката Сашка Цветковска докажува дека од зборот демократија во државата не останува ниту почетната буква.“

-За да се донесе таква пресуда за истражувачка сторија која ја кажува вистината е погрешно. Се добива впечаток дека смееме да објавуваме само кога имаме да кажеме тоа што тие сакаат да го слушнат.

Се додека има ваква пракса, додека на овој начин сме третирани ние новинарите, постои опасност дека за кусо време нема ни да има демократска држава, туку само држава во која што граѓаните ќе бидат обични работници за политичарите и бизнисмените, рече Исмаили.

На протестот се обрати и колегата Горан Теменугов, кој рече дека „молчењето не е злато.“

-Денеска ви протестираат новинари, ко во старите времиња на Никола Груевски. Димитар Ковачевски, Талат Џафери, Христијан Мицковски, и претседателите на Уставен и Врховен суд елајте, кажете што мислите за слободата на говорот и дали сакате во иднина со закон да ни кажувате кој е новинар, а кој не е.

Проблемот е што некој сака да не дефинира и озакони, кој може да биде новинар, а кој не и само да ја потсетам јавноста, што е многу важно, дека слободните новинари се сржта на истражувањето и на длабинското новинарство каде што обработуваме теми кои што се многу важни за јавноста каде што ги штитиме граѓаните, спротивно на она дневно што се работи, а се работи многу, немаат можност да истражуваат темелно, тука настапуваме и ние фриленсерите кои што се финансираме странично, а не од реклами, сме точно на браникот на јавниот интерес, на браникот на граѓаните, рече тој.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ССНМ: Пресудата против ИРЛ е загрозување на слободата на изразување, Судот не смее да кажува кој е новинар

ЗНМ и ССНМ доставија конкретни барања до претседателите на Основниот граѓански и Апелациониот суд во Скопје во кои се бара со особена внимателност да се испитаат сите аспекти по јавните реакции од страна на сите релевантни невладини организации како и реакциите од Меѓународната федерација на новинари (ИФН) и Европската федерација на новинари (ЕФН) поврзани со пресудата на судијката Јованка Спировска Панева, која одлучуваше во случајот „Брако против ИРЛ“, како и поголемо разбирање и со сериозна внимателност да се постапува во иднина за постапките и тужбите против новинарите и медиумските работници во државава.

ЗНМ и ССНМ побараа да се земаат во предвид одлуките на Советот за етика во медиумите на Македонија, како и одлуките на Советот на честа при ЗНМ во насока на кредибилитетот и интегритетот на новинарите и медиумските работници во Македонија.

Фото: ЗНМ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Нови 94 случаи на заболени од корона вирус од 830 тестирања, половината од нив во Скопје

Редакција

Откако го казни МВР, Османи се нуди да биде дел од кампања за почитување на сообраќајните правила

Редакција

(Видео) 108 години од раѓањето на Св.Мајка Тереза: Како беше пречекана светицата во Скопје

Редакција