еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Судот во Стразбур допрва ќе одлучува: Ќе стане ли аболицијата на Иванов сламка за спас на Груевски, Мијалков, Јанакиески…

Европскиот суд за човекови права во Стразбур објави дека испратил прашања до македонската Влада во однос на тужбите од поранешни функционери кои беа аболицирани од поранешниот претседател Ѓорге Иванов.

Миле Јанакиевски, Кирил Божиновски, Киро Тодоровски, Никола Груевски, Сашо Мијалков, Гордана Јанкуловска, Тони Трајковски, Едмонд Темелко, Владимир Талевски, Тони Јакимовски се меѓу лицата кои во Стразбур бараат да им се признае аболицијата што во 2016 година ја додели тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов.

Ваквиот акт следуваше откако за повеќето од нив истражни постапки отвори Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Имено, Иванов тогаш аболицира вкупно 54 лица, од кои 25 беа политички функционери.

Неговата одлука предизвика реакции во државата, по што аболицијата беше повлечена, а СЈО продолжи со постапките.

Сега, останува прашањето дали во натамошниот тек од постапката судот во Стразбур ќе пресуди дека правото не познава повлекување на веќе дадена аболиција.

Toa би билa своевидна сламка за спас за поранешните функционери пред домашните судови.

Инаку, по објавата на прашањата на судот во Стразбур, на својот Фејсбук профил се огласи министерот за правда Бојан Маричиќ.

Тој вели дека класична лажна вест е дека судот во Стразбур веќе одлучил аболицијата на Иванов да важи.

„Она што е точно е дека пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, одредени лица обвинети или осудени во постапките на поранешното СЈО почнаа постапка со која ги проблематизираат тековните судски постапки во Северна Македонија, од аспект на аболициите на Иванов.

Eвропскиот суд за човекови права (ЕСЧП) на 25.09.2020 година, на одговор до Владата на Република Северна Македонија достави две групи на апликации кои се поднесени против државата пред овој меѓународен суд, a во однос на предмети кои се тековни пред домашните судови и се во врска со прислушкуваните разговори.

Но, овие апликации не се одлучени од страна на ЕСЧП, туку на 25.09.2020 година, само се доставени на одговор до Владата на Северна Македонија, а постапката за нивно одлучување треба допрва да почне наредната година.

Апсолутна шпекулација се информациите за евентуалните последици по тековните предмети пред домашните судови, кога предметните постапки пред ЕСЧП се во почетна фаза на комуникација, а за исходот од постапките, секако ќе треба да се почека одлуката на ЕСЧП која може да дојде и по 3 години.

Сепак, со ширењето на лажната вест дека предметите потонале се врши притисок врз домашната правосудна власт да не одлучува по овие предмети. Но, исто така се открива и визијата за Правдата во очите на опозицијата. Нивна единствена визија за правда е аболицијата на Иванов.

Судските процеси ќе продолжат по постоечките закони на нашата држава, а правда мора да има за сите“, напиша Маричиќ.

Фото: Википедиа/Фејсбук/Маричиќ/Иванов

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Испратени СМС-пораки со лажен линк на УЈП, Управата апелира да не се отвораат

Редакција

Виз ер ќе лета од Скопје до Барселона до 26 октомври

Редакција

Приведен адвокатот на Палевски кој го однесе во Белград, дали ќе има притвор за него ќе се знае денеска

Редакција