еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

СЗО и УНИЦЕФ: Сите училишта во Европа и Централна Азија треба да останат отворени и да се направат побезбедни од Ковид-19

Додека милиони деца се враќаат на училиште низ европскиот регион каде што е доминантна високо преносливата делта-варијанта на САРС-КоВ-2, регионалната канцеларија на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа и регионалната канцеларија на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија повикуваат училиштата да останат отворени и да се направат побезбедни преку донесување мерки за намалување на пренесувањето на вирусот.

Како што се наведува во соопштението од двете меѓународни организации, ваквите мерки опфаќаат понуда на вакцина против Ковид-19 за наставниците и другиот училишен персонал, како дел од националните планови за вакцинација, истовремено обезбедувајќи вакцинација на ранливите популации.

Освен тоа, се посочува, треба да се земе предвид и вакцинација на децата на возраст од 12 и повеќе години со медицински состојби коишто значително им го зголемуваат ризикот од тешка манифестација на Ковид-19, унапредување на училишната средина преку често проветрување на училниците, помали паралелки кога е можно, физичко дистанцирање и редовно тестирање на децата и вработените, итн..

-Пандемијата предизвика катастрофално нарушување на образованието во историјата. Затоа, од пресудно значење е учењето со физичко присуство во училница непрекинато да продолжи низ европскиот регион.

Ова е од исклучителна важност за образованието, менталното здравје и социјалните вештини на децата, за да можат училиштата да ги оспособат нашите деца да бидат среќни и продуктивни членови на општеството, објаснува Ханс Хенри П. Клуге, регионален директор на СЗО за Европа.

Ќе помине извесно време пред да ја оставиме пандемијата зад нас, но образованието на децата со безбедно физичко присуство во училиште мора да остане наша примарна цел, па затоа, не смееме да ги лишиме од можностите што ги заслужуваат, се вели во соопштението, а при тоа се охрабруваат сите земји да ги држат училиштата отворени и “ги повикуваме сите училишта да воведат мерки за минимизирање на ризикот од Ковид-19 и ширење на различни варијанти“.

Високо преносливата варијанта САРС-КоВ-2 Делта придонесе за дополнителна загриженост и компликации за отворањето на училиштата оваа година. Високата инциденца на Ковид-19 во заедницата го чини пренесувањето во училиштата многу поверојатно. Затоа, се посочува, сите мора да се заложиме за помало ширење на вирусот преку вакцинација.

-Вакцинацијата е нашата најдобра одбрана од вирусот, а за да заврши пандемијата, мора бргу да го прошириме вакцинирањето подеднакво во сите земји, вклучувајќи и поддршка за производството на вакцини и распределба на дози, со цел насекаде да ги заштитиме најранливите.

Исто така, мора да продолжиме да ги следиме јавно здравствените и социјални мерки за кои знаеме дека функционираат, каде спаѓаат тестирање, секвенционирање, следење, изолација и карантин, вели Клуге.

Филип Кори, заменикот-регионален директор на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија, вели дека пандемијата не е завршена и сите треба да одиграме улога училиштата низ регионот да останат отворени.

-Децата и младите не смеат да ризикуваат уште една година со нарушено образование. Вакцинацијата и заштитните мерки ќе помогнат да се спречи враќање во најмрачните денови од пандемијата кога луѓето мораа да трпат затворања, а децата имаа нарушена настава, наведува Кори и додава дека децата беа тивки жртви на пандемијата, а најмаргинализираните беа меѓу најтешко погодените.

Според него, училиштето е многу повеќе од зграда. Тоа е место на учење, безбедност и игра во срцето на нашите заедници. Кога училиштата се затворени, децата пропуштаат настава, не се со своите пријатели и за тие кои живееат во нефункционални семејства може да бидат изложени на насилство во домот.

Пандемијата ја влоши и онака неприфатливата ситуација – мора да се погрижиме училиштата да се отворат и да останат безбедно отворени, потрачува Кори.

За училиштата да се одржат отворени и безбедни, СЗО, УНИЦЕФ и УНЕСКО одобрија низа од осум експертски препораки развиени од Европската техничка советодавна група на СЗО за школување во време на Ковид-19, за 53-те земји-членки во Европскиот регион на СЗО.

-Училиштата да бидат меѓу последните места што ќе се затворат, а први што пак ќе се отворат, воспоставете стратегија за тестирање, обезбедете ефективни мерки за ублажување на ризикот, заштитете ја менталната и социјалната благосостојба на децата, заштитете ги најранливите и најмаргинализираните деца.

Подобрете ја училишната средина. Вклучете ги децата и адолесцентите во носењето одлуки. Применете стратегија за вакцинација со која децата ќе останат на училиште, се препораките на техничката советодавна група на Европскиот регион на СЗО (ТАГ) сосатавена од независна група експерти формирана од регионалниот директор на СЗО за Европа.

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Во се поголем број држави во светот се појавуваат случаи со мајмунски сипаници

Редакција

Заев по договорот со Гаши: Меѓународни експерти нема да ги поништуваат пресудите, туку ќе направат свои извештаи

Редакција

Влез во Македонија само со негативен тест или задолжителен двонеделен карантин

Редакција