Ефикасноста на вакцините против Ковид-19, ја потврдуваат многу анализи. Вакцините штитат од тешка форма на болеста, од хоспитализации и смртен исход. Анализите на Министерството за здравство утврдија дека меѓу 79% и 81% од хоспитализираните пациенти со Ковид-19, се невакцинирани, пишува министерот за здравство Венко Филипче на неговиот Фејсбук-профил.
„Истражувањето на Цивика мобилитас, потврдува дека во последните три и пол месеци 14.500 помалку заразени, 4.595 помалку неделни хоспитализации, вакцинацијата ја намалила хоспитализацијата помеѓу 37,9% и 46,5%, 2,8 милиони евра пониски трошоци за хоспитализација во последните пет недели од делта бранот.
Вакцинацијата против Ковид-19 е важна и ќе помогне да запре пандемијата. Вакцините функционираат заедно со вашиот имунолошки систем, така што ќе бидете подготвени да се борите против вирусот доколку сте изложени на него.
Ковид-19 може да има сериозни, опасни по живот компликации и не постои начин да се знае како вирусот ќе влијае на вас. ВакцинирајСе! Со вакцината се штитите себе си, пријателите, семејството и ги штитите другите околу вас,“ се вели во неговата објава на Фејсбук.
Фото: МЗ