Важно е прво да имаме професионални медиуми, а политичарите да не се мешаат и да не ја коментираат јавно нивната работа, но се разбира имаат право да си ги бранат своите позиции, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи на прес-конференција запрашан за коментар за изјавите на лидерот на ДУИ, Али Ахмети и премиерот Димитар Ковачевски за медиумите.
„Во однос на конкретните изјави мислам дека се расчистија. Прво, Ахмети беше изваден од контекст, затоа што медиумите беа спомнати само како медиум каде што е забележана таква тенденција во контактни емисии, обвинувајќи ја политиката дека на некој начин ги поларизира граѓаните во тие контактни емисии да изразат такви квалификации по однос на сограѓаните од друга етничка заедница.
Тоа беше констатација на господинот Ахмети дека во две телевизии видел контактни емисии во коишто граѓаните под влијание на поларизацијата што ја предизвикува политиката кажуваат квалификации кон сограѓаните коишто може да имаат негативни тенденции,“ изјави Османи, додавајќи дека и премиерот Ковачевски изрази личен став по однос на ова прашање.
Според Османи, политичарите сепак некогаш мора да ја кажат својата вистина и ако бидат неосновано нападнати ќе мора да го кажат својот став.
„Треба да не разберете и нас кога сакаме да си го објасниме тоа што го работиме затоа што важен ни е ставот на граѓаните. Ние постоиме за нив, работиме за нив и важно ни е дали навистина коректно ќе се пренесе тоа. И најмала грешка нека се стави под микроскоп, но барам да има коректно информирање за тоа што го правам,“ изјави Османи.
Во тој контекст посочи дека некои медиуми објавиле оти во МНР имало некаков извештај за злоупотреба на возилата за приватни цели, додавајќи дека таков извештај не постои во Министерството.
„Тоа се пренесува и јас на моите луѓе не им дадов дозвола да демантираат, затоа што не сакам институциите да се охрабрат да влезат во јавна полемика со медиумите и со ДКСК,“ рече Османи, додавајќи дека не постои таков извештај и дека веројатно станува збор за погрешна интерпретација.
Запрашан да го коментира ставот на ОБСЕ за изјавите на Ахмети и Ковачевски, Османи истакна дека слободата на медиумите и говорот се едно од основните заложби на оваа Организација со која земјава претседава во текот на 2023 година.
„ОБСЕ има посебна институција, а тоа е претставникот за слобода на медиумите, како автономна институција која што се грижи дали земјите членки ги исполнуваат заложбите на ОБСЕ во делот на слобода на медиумите и тоа ние ќе го правиме, бидејќи нашиот фокус е пред се влијанието на ОБСЕ во општествата и врз луѓето,“ рече Османи.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Ковачевски им се извини на Телма и Алфа
Ахмети не им се извини на Алфа и на Телма, тоа што го кажал се однесувало на реакциите на граѓаните
МИА/Фото: МНР