Нашата земја денеска одбележува 28 години од успешно спроведениот референдум во 1991 година, на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.
На референдумот над 95 отсто од граѓаните што излегоа да гласаат позитивно одговорија на прашањето „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.
Претходно, на 25 јануари 1991 година првиот повеќепартиски македонски Парламент, усвои Декларација за независност. Волјата на народот за самостојна држава формално беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија.
Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година. Десет години подоцна, Уставот беше надополнет по конфликтот во 2001 и потпишувањето на Рамковниот договор.
Државноста прва ја призна Република Бугарија, по што следуваа признавања од Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина…
Монетарно, државата се осамостои со воведување на денарот на 26 април 1992, а потоа доби и своја Армија која роденденот го слави на 18 август.
Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена како 181 полноправна членка на Светската организација.
Денес и по 28 години од осамостојувањето, нашата земја се уште не може докрај да ги исполни стратегиските цели за кои има партиски консензус какви што се членството во ЕУ и НАТО.
МИА/Видео: Youtube/Bordaux
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Ден на независноста по 28. пат: Алчноста на политичарите главна кочница на Македонија