еМагазин
Image default
Интервју ТОП СТОРИИ

Владимир Георгиев член на ДКСК: Се менуваат услови и критериуми во огласите за работни места, за да се примаат партиски подобни кандидати

Европската комисија во нејзиниот последен извештај за Македонија, нотира дека земјата е умерено подготвена во превенцијата и борбата против корупцијата.

Во однос на нејзината застапеност во јавната амдинистрација, се забележува дека Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) ги решава предметите на непотизам, блискост и политичко влијание во процесот на вработување во јавниот сектор и во процесот на именување членови на надзорни и управни одбори, но „нејзините наоди и препораки треба систематски да се следат од засегнатите институции“.

Членот на Државната комисија за спречување корупција, Владимир Георгиев во интервју за емисијата Агенда 35, за МРТ вели дека корупцијата не ги опфаќа само кривичните дела како што се злоупотреба на службената положба, трговијата со влијание или поткупот, туку опфаќа и повласетни ситуации како што се кронизам, непотизам, клиентелизам или фаворизам.

Комисијата постапува по овие наводи, но се соочува со потешкотии.

„Прво, случаите на непотизам како такви или на кронизам вообичаено се одвиваат помеѓу лица кои во моментов се на позиција и нивни блиски политички или роднински врски. Во тие ситуации двете страни се задоволни од исходот, остварена е намерата што се сакала, остварено е вработувањето.

Па дури и онаа трета страна што се наоѓа во вакви ситуации, институцијата каде што тие лица се вработуваат врз основа на политичко влијание или непотизам, исто така е задоволна и понатаму не се вмешува во истрагите што ние ги воведовме,“ вели Георгиев.

Втор аспект кој што ја отежнува работата на Државната комисија за спречување корупција е самиот Закон за спречување на корупција и судир на интереси, односно член 40 кој што се однесува на тоа, политичка партија или лице кое настапува во име на политичка партија не смее да врши влијание при вработување, распоредување и престанок на работен однос на службено лице и член 56 кој се однесува на забрана на влијание за вработување на блиски роднини.

„Овие две забрани во законот за спречување на корупција, повеќе се принципи, начела на интергритет однесување на службените лица, а не класични забрани. Имајќи го сето тоа предвид, се најдовме во ситуација на одреден начин да добиеме забелешки.

Кога ги инициравме овие наоди, како ние докажуваме дека в.д директорите, кои ги извршиле овие вработувања, ги подведуваме во ситуација дека тие постапуваат во име на политички партии. Според мене, одговорот е многу јасен, ако се направи аналогија.

В.д директорите не се избрани на редовен конкурс, како што е предвидено во материјалните закони, туку се директно назначени или од Владата, или од министрите или од управните одбори.

Ако имаме предвид дека Владата де факто е политички орган, министрите де факто се лица препорачани односно посочени од политичките партии да бидат министри, исто така и членовите на Управните одбори без критериуми се назначени од политичките партии, де факто и в.д директорите по аналогија се лица кои настапуваат во име на политичките партии,“ објаснува Георгиев.

Под превезот на дискреција, директорите најчесто избегнуваат одговорност дека вработуваат политички кадри. Георгиев потенцира дека дискрецијата треба да се користи за да се одбере лице помеѓу двајца добри кандидати, а не оној кој е политички подобен.

„Во голем број на случаи, огласите кои беа објавени за вработување, условите за конкретните работни места и критериуми, беа променети непосредно пред објавување на огласот. Фактички се менува систематизацијата, условите и критериумите во согласност со она што го поседува службеното лице, кандидатот што треба да биде вработен.

Понатаму, утврдивме дека во одреден број на случаи и огласите што се објавуваат не соодветствуваат со актите на систематизација. Да речеме, ако со актот на систематизација се бараат две години работно искуство, во огласот пишуваше една година. Толку колку што требаше на кандидатот што понатаму е примен.

Понатаму утврдивме дека не постојат ранг листи на кандидати, туку списоци на оние лица кои ги исполниле административните барања. Дискрецијата во одлучувањето, исто така. Кога ние ги инициравме сите предмети да се преиспитаат, често доаѓавме до одговор дека тоа е во дискреција на в.д директор, да одлучи кое лице ќе го прими, не применувајќи ги принципите на рангирање и интервју. Дури интервјуто се користеше како главен фактор при оградување од тоа, кое лице ќе биде примено,“ обајснува Георгиев.

Клиентелизмот (услуга за услуга) посебно добро функционира пред или по избори, а Државната комисија за спречување на корупција, има примери од последните локални избори.

„На последните локални избори кои беа распишани август годинава, последниот ден кога беше донесена одлуката за распишување на избори беа објавени голем број на огласи меѓу нив и од министерството за политички систем. Агенцијата за вработување, веднаш овие огласи ги стави во мирување, меѓутоа, оној прв чекор кон воспоставување на клиентелизам е воспоставен.

Огласите се објавени, знаејќи дека ќе бидат запрени, меѓутоа е подадена раката. И сега оние лица што очекуваат дека ќе бидат вработени, што им било ветено или оние кои не очекуваат но конкурираат, врз нив, на некој начин се врши влијание за тоа, за кого да го дадат својот глас на изборите,“ вели Георгиев.

Според Георгиев, најновите истражувања и анализи кои што се прават во земјите во развој и транзиција утврдуваат воспоставување на механизми и институционални неформални практики и постапки, со што се врши притисок врз поединци или вработени во институциите да се однесуваат согласно тие неформални практики, и ја сочинуваат таа т.н институционализирана корупција.

„Ние овие ситуации на институционализација на корупцијата пред се однесуваат на онаа т.н мала корупција. Таа се појавува во оние области каде што најчесто имаме директен контакт на граѓаните со институциите односно со власта. Тоа се инспекциите, издавањето на дозволи, уверенија, лиценци, понатаму наплатните рампи.

Знаете и сами дека пред 15 години имавме случај кој беше третиран и од аспект на организиран криминал, поврзаност на вработени, нивните надредени, па дури беа вмешани и политички партии.

Понатаму во областите како што е сообраќајната полиција, царините итн. Значи имаме воспоставено системи кои што внатре функционираат кои на одреден начин ги поттикнуваат или им наложуваат на другите вработени да се однесуваат согласно тие неформални практики или стандарди,“ вели Георгиев.

Европската комисија постојано апелира за справување со висока корупција, која ја опфаќа спрегата политички и бизнис елити. Според Георгиев, Државната комисија за спречување на корупција го детектирала овој ризик и поаѓаат од тезата дека корупцијата всушност започнува со изборите.

„Изборниот закон овозможува организаторите на изборните кампањи да се финансираат од донации од физички лица, тоа е до 3.000 евра и правните субјекти, компаниите до 30.000 евра на посебната сметка за избори плус 60 просечни плати кои може да бидат префрлени како донација на редовната сметка која после партијата може да ги користи и во избори.

Токму затоа ние воспоставивме еден механизам на следење на донациите, во моментов работиме на анализа на тие донации со цел да видиме кои се компаниите кои донирале. Затоа што во минатото од други извештаи констатиравме дека имаме случаи кога имаме бизнисмени или компании подеднакво донираат на сите политички партии што на одреден начин наметнува едно размислување дека ние ќе дадеме на сите, на одреден начин донација, со цел да очекуваме против услуга преку добивање или конкурирање на тендери итн,“ вели тој.

Законот за лобирање кој треба да стапи на сила во јули оваа година, ќе има за цел, соработката помеѓу политичката и бизнис елита да биде транспарентна, односно да се види, кој и зошто сака да влијае врз законските решенија.

„Често пати се случува политичките елити да се обидат да влијаат врз органите за спроведување на законот со цел да се влијае врз нивното работење, при детектирањето на овие конкретни случаи. Тоа не се случува само кај нас тоа е детектирано и во многу други земји, како пример само ќе го наведам последниот извештај rule of low од 2021.

Што се однесува до земјите членки на ЕУ каде што една од најглавните ризици детектирани, каде што и самите земји на ЕУ треба да работат во наредниот период е зајакнување на јавно-обвинителските служби во овие земји.

Бидејќи како што и таму е детектирано, без независни и јаки институции, борбата против корупцијата може да биде доведена во голем ризик, имајќи го предвид влијанието кое политичките елити може да го извршат врз овие институции,“ додава тој.

Според Георгиев, исклучително важно за една правна држава е да има соодветен кривично-правен одговор на случаите на корупција. Притоа, не е доволно само затворска казна туку и имотот стекнат на коруптивен начин да биде конфискуван.

Во севкупната борба, улогата на граѓаните е од исклучително значење, а исто така и платформата на граѓански организации за борба против корупција, кои имаат одлична соработка со комисијата од аспект на превенција, утврдување и заедничко настапување при детектирање на ризици од корупција.

Фото: МРТ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Декра Арбеит“ го доби тендерот на Град Скопје за привремени вработувања „тежок“ 74.000 евра

Редакција

„Анима Мунди“ до Ковачевски: „Не ни треба Брисел, ниту се неопходни пари, за да го измените по итна постапка Законот за заштита и благосостојба на животните“

Редакција

Нема починати од Ковид-19 во последните 24 часа

Редакција