Собраниската Комисија за европски прашања на продолжението на денешната седница усвои десет амандмани поднесени на Предлог-законот за јавно обвинителство. Како што информира претседателот на Комисијата, Артан Груби, претстои усогласување на работните групи за преостанатите 41 амандаман.
„Вкупно беа поднесени 54 амандмани на Предлог-законот, од кои три беа повлечени и 51 се во процедура. Десет амандмани денеска усвоивме, остануваат уште 41 амандман“, изјави Груби.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски по седницата на Комисијата изјави дека ги усовиле оние амандмани за кои досега имале постигнато согласност, во рамки на преговорите со владејачкото мнозинство и претставниците на Владата кои веќе имаат предлог-закон за обвинителство.
Рече дека ВМРО-ДПМНЕ вкупно предложило 14 амандмани на законот за обвинителство, од кои денеска се усвоени четири, иако, како што рече истите не се дел од оние суштински теми во кои имале поголеми разлики.
„Во следните денови ќе работиме на усогласување на заеднички термин за понатамошни разговори, кои се опфатени со амандманите на опозицијата“, додаде тој.
Рече дека една од суштинските теми е начинот на избор на обвинителот кој ќе биде на чело на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, со вклучување на Собранието во методологијата на избор.
„Следната тема е како ќе се постапува со помошниците обвинители на Катица Јанева, за кои сметаме дека биле избрани со мандат, и согласно нивните решенија за мирување на работниот однос би требало истите да се испочитуваат. Третата тема е принципот на хиерархија и субординација, односно прдметите на СЈО во судска постапка да одат кај јавен обвинител и потоа тој да ги распредели во Обвинителството за организиран криминал“, рече Милошоски.
Посочи дека тема што ќе ја отворат е и изборот на прв човек на Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција, кој, како што посочи, не мора да биде само од редот на јавите обвинители, туку да биде од поширок опсег да опфаќа и професори кои имаат долг стаж во кривично-правната област.
„Обвинителот треба да биде избиран врз основа на строги и високи критериуми, по предлог на најголемата опозициска партија, со утврдување на тој предлог од страна на Комисијата за избори и именувања, и потоа со потврдување на истиот предлог од стртана на владејачкото мнозинство, на пленарна седница, и истиот предлог да биде испратен до Советот на јавни обвинители за конечна потврда или одбивање“, појасни Милошоски.
Пратеничката на СДСМ, Снежана Калеска Ванчева рече дека со усвојувањето на десет амандмани се покажува и е важно оти процесот за усвојување на законот за ЈО е откочен, истакнувајќи оти се надева дека пратениците ќе продолжат конструктивно по останатите амандмани.
„Новиот закон за јавно обвинителство треба да биде не само во унапредување на борбата против корупцијата и организираниот криминал, туку и целосно хармонизиран со европското законодавство, и ќе ги следи препораките на Европската комисија. Со тоа ќе ставиме крај на сите оние досегашни шпекулации, надмудрувања, и крај на она што значи мешање на политиката во правосудниот систем“, рече Калеска Ванчева.
Коментирајќи го предлогот на Милошоски првиот човек на Обвинителството за организиран криминал да не мора да биде од редот на јавните обвинители, рече дека смета оти мешањето на политиката во изборот на првите луѓе на обвинителствата, би го нарушило принципот на независност, и оти треба да се направи се политиката да се меша во кадровските ршенија, независно дали станува збор за Јавно обвинителство за организиран криминал или од редовното обвинителство.
Комисијата за европски прашања ќе продолжи со расправата по амандманите, која може да трае најмногу два работни дена.
Собранието во вторникот одлучи Предлог законот за јавно обвинителство да се носи по скратена постапка. Истиот ден Груби ја закажа седницата на Комисијата за европски прашања за денеска.
Министерката за правда Рената Дескоска најави дека доколку не се обезбеди двотретинско мнозинство, тогаш во опција се други решенија, а едно од нив, како што рече, се измени во Законот за советот на јавни обвинители кој се носи со 61 глас.
Со Предлог законот за ЈО се предвидува Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите, односно Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да се спојат во едно јавно обвинителство кое ќе го носи називот Јавно обвинителствоза гонење организиран криминал и висока корупција.
Надлежностите на СЈО и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција треба да преминат во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција, кое ќе продолжи да ги води започнатите постапки во фазата во која се преземени.
Понатаму, според предложениот законски текст, актуелниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Рускоска се предлага да продолжи да ја врши својата функција како јавен обвинител на Јавното обвинителство за организиран криминал и висока корупција до завршување на мандатот за кој е избрана.
Во преодните и завршни одредби од законот пропишано е тој да отпочне да се применува од 15 септември годинава.
МИА
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Повеќе од 40 амандмани поднесени на Предлог-законот за јавно обвинителство