Одговорноста за движењето, за методите и за начинот на бегството на Никола Груевски е во власта, кај аболицираниот криминалец Зоран Заев и кај неговиот одговорен министер за прогон и терор, Оливер Спасовски, обвини денеска на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„Со овој случај, и со менаџирањето на политичкиот прогон, Заев и Спасовски го допреа дното. Двајцата мора да си поднесат неотповикливи оставки заради нефункционирање на институциите и разорувањето на Република Македонија.
Заев и министерот за прогон и терор Оливер Спасовски мора да престанат да ја лажат јавноста. Тие во рацете ја држат целата безбедност и во такви услови велат дека не знаеле за движењето на Никола Груевски? Груевски е човекот против кого и со години тие водеа политичка хајка, фрлаа со дрва и камења и го третираа и го третираат како државен непријател број еден и сега сакаат да кажат дека не знаеле каде бил, каде се движел, на кој начин им избегал?
Го злоупотребуваат бегството, го прикриваат својот дебакл со лажно вперување на прстот кон ВМРО-ДПМНЕ. Ги впрегнаа институциите и во политичкиот прогон во полна смисла на зборот притвораат лица кои редовно ги исполнуваа обврските кон судот. Овие притворања се политичка казна, а не правна санкција. Ова е уште една злоупотреба на институциите за нивни политички цели“, рече Стоилковски.
Фото: ВМРО-ДПМНЕ
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Како избега Груевски: Освен двата одземени пасоши имал ли и трет со друг идентитет?!
Обвинителство со предистражна постапка за тоа, кој му помогнал на Груевски во бегството