На 11.11.2020, по добиени сознанија дека лица од Виница, вршеле незаконска продажба на несоодветни брзи тестови за детекција на вирусот Ковид-19, полициски службеници од Одделение за внатрешни работи Виница извршија оперативни проверки, соопшти МВР.
При тоа е дојдено до сознанија дека лицата: В.П.(35) и М.А. (46) двајцата од Виница, заедно со правно лице од Виница нуделе и продавале несоодветни т.н. брзи тестови во врска со коронавирусот.
„Поради постоење на основи на сомневање за сторено кривично дело – „незаконито земање и користење на генетски и биолошки материјал“ казниво по чл.210-а од Кривичниот законик, со наредба од Јавен обвинител, бил извршен претрес во дом и други простории, при што во домот на В.П.пронајдени се седум кеси со натпис „Ковид Чек ТМ“ и едно шише од 2мл со течност со натпис „Буфер“, кои се одземени.
До надлежното обвинителство ќе биде доставен соодветен поднесок, а и во наредниот период се преземаат мерки во врска со ваквите случаи.
Апелираме до граѓаните да им веруваат и да се обраќаат само на овластени медицински лица кои се матични лекари или епидемиолози на институтот или центарот за јавно здравје и да не наседнуваат на вакви измами, а МВР во координација со другите институции ќе ги санкционира ваквите појави, како што е случајот во Виница. Само така заеднички ќе придонесеме за справување со коронавирусот“, соопшти МВР.
Фото:МВР