еМагазин
Image default
ЧИСТА ОКОЛИНА

За да се намали загадувањето, МАНУ предлага да се забрани увозот на возила постари од осум години

Да се забрани увоз на возила постари од осум години во земјава, да се спроведуваат постојани контроли на издувните гасови на возилата и воведување казни за оние кои ги извадиле катализаторите од возилата. Постојано да се зголемува и акцизата на дизел горивото за неговата цена да се изедначи со цената на акцизата на дизелот.

Тоа се дел од препораките за намалување на загадувањето на животната средина, пред сè на воздухот, изнесени во новата студија на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), „Транспорт во Скопје реалност и предизвици – Патека кон зелен транспорт“, која беше презентирана на минатонеделната конференција „Загадувањето на градовите во Република Македонија: кои се решенијата?“, која се одржа во МАНУ, пишува Мета.

Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој (ИЦЕОР) на МАНУ, составен од академик Глигор Каневче, проф. д-р Наташа Марковска, д-р Александар Дединец, м-р Верица Тасеска-Ѓоргиевска и доц. Д-р Александра Дединец, препорачува на централната власт да се стимулира купување нови возила преку нови методологии за пресметување на еколошките такси и при увоз и при регистрација, како и да се зголеми еколошката такса.

Препораката на научниците да се зголемува акцизата за дизелот, за неговата цена до 2025 година да се изедначи со таа на бензинот, носи и предупредување зголемувањето да биде придружено од акциски план за да се спречи појава на инфлација.

Се препорачува и мерка за зголемување на продорот на електричните возила, кои воопшто не загадуваат, но и за хибридните возила. Научниот тим на МАНУ и препорачува на Владата да се доделува субвенција од 5.000 евра за електрични возила со акумулатори, а по 2.000 евра субвенција за хибридни возила.

„Ако се субвенционираат сите возила во сценариото „Движење во вистинска насока“ (5.200 електрични, 3.500 „Plug-in“ хибридни електрични возила и 27.000 хибридни електрични возила потребно е да се издвојат околу 10 милиони евра за директни субвенции на годишно ниво во периодот до 2025 година“, се вели во препораките до Владата од МАНУ.

Во поглед на градската власт на Скопје, за да се намали енормното загадување на воздухот, македонските научници препорачуваат да се преземат мерки сегашните такси автомобили да се заменат со строго електрични (60 отсто од вкупниот број такси возила) или со хибридни кои може да се полнат и на електричната мрежа (40 отсто).

„Електричните возила се исплатливи кога се поминуваат повеќе од 40,000 km што значи дека за оваа категорија на возила се потребни многу мали субвенции за да се овозможи реализација на предложената мерка. Овие субвенции би биле пред сè од град Скопје. Покрај ова, град Скопје би можел дополнително да ги подржи такси превозниците кои ќе ги заменат своите возила со тоа што во центарот на градот ќе може да се движат само „Зелени“ такси возила, ќе инвестира во брзи полначи и ќе има бесплатен паркинг на местата каде што ќе има места за полнење на такси возилата“, препорачува студијата на МАНУ изработена под раководство на Павлина Здравева.

Следни мерки што би требало да ги презема Град Скопје се продолжување на давање субвенции за купени велосипеди, како и придружување на европскиот тренд за намалено користење на дизел возилата во градски средини велат авторите на студијата на МАНУ, која е изработена со финансиска и техничка поддршка од Град Скопје и Глобалниот фонд за животна средина и Програмата за развој на ОН (УНДП).

Мета

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Спроведување на мерки за подобрување на состојбата со нестандардната депонија Русино

Редакција

Охрид СОС со реакција за Лагадин: СДСМ ќе биде партијата која ќе го однесе регионот на Листата на светско наследство во опасност

Редакција

Иднината е електрична

Редакција