еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

За да влезете во бизнисот со медицински канабис Ви треба банкарска гаранција од 1 милион евра!

Обезбедување на банкарска гаранција од 1 милион евра во денарска противвредност е еден од условите за добивање одобрение за одгледување на канабис за медицински и/или научни цели, стои во член 44 од нацрт – Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци, финализиран и изготвен од Министерството за здравство минатиот месец.

Ваква висока банкарска гаранција, која е типична пред се за отварање на банка или осигурителна компанија во старт оневозможува влез на мали и средни фирми во овој бизнис, па истиот ќе биде можен само за „големите“ играчи, реагираа од Здружението за канабис и зелени политики „БИЛКА“, од каде имаат и други забелешки.

Исто така заинтересираните правни лица за го добијат одобрението треба 10% од годишната добивка да ја уплатуваат на соодветна сметка на буџетот на Република Северна Македонија, согласно член 42 став 3 од овој закон.

Промена на бројот на потребни вработени

Во нацрт верзијата на Законот има и промени и на потребниот број за да се добие одобрението.

Со претходниот закон беа потребни најмалку четири вработени, а сега се потребни најмалку 15, од кои најмалку едно лице дипломиран фармацевт со најмалку три години работно искуство во областа на фармацијата и едно лице дипломиран земјоделски инженер со најмалку три години работно искуство во областа.

Ќе се извезува цвет од коноп

Новото законско решение како и што беше најавено ќе овозможи и извоз на цвет од коноп, што не беше возможно со претходното законско решение.

Со новото законско решение се основа и посебна Агенција која ќе се нарекува Агенција за контрола на одгледувањето и екстракцијата на канабис и производи од канабис за медицински и научни цели.

Целото законско решение, можете да го погледнете ОВДЕ.

Бизнисот со канабис „цвета“

Фирма од Кривогаштани беше една од последните кои до сега побара дозвола за одгледување на канабис за медицински цели. Станува збор за македонско-бугарска инвестиција со која се предвидува одгледување марихуана под оранжерии на површина од 6,5 хектари и отварање 25 работни места.

Откако пред неколку години Македонија дозволи одгледување канабис за медицинска употреба се чини дека ова стана еден од најперспективните бизниси во земјава. Како новото законско решение ќе се одрази на нивниот бизнис останува да видиме.

Неодамна премиерот Зоран Заев, чиј членови од неговото пошироко семејство, се исто така влезени во овој бизнис, информираше дека се издадени лиценци на 15 компании со домашен и странски капитал кои одгледуваат канабис за медицински цели.

Станува збор за вкупна инвестиција од над 40 милиони евра и околу 300 нови вработувања.

Во бизнисот со марихуана за медицински цели во Македонија се влезени следниве компании и производства: Каба Хербал во Кочани, Оаза алкалоиди во Карбинци, Медицал 420 во Битола, 5 летерс во Ресен, Мам во Свети Николе, АЦПВ во Гостивар, Фарма Медика Канабис во Валандово, Ф&M 2017 во Гостивар, Фармаролли во Скопје, Греен лифе во Валандово, Канабис про во Струмица, Т.Х.Ц. Куалити гроуп во Росоман, Хелтх медикал солутионс во Гевгелија, Бул-Билдинг во Струмица и РСБ солутионс во Карбинци.

Министерство за здравство: Сите засегнати страни можеа да дадат коментари за нацрт-законот

Од Министерството за здравство за еМагазин велат дека новото законско решение било достапно за сите заинтересирани страни и дека нивните коментари ќе бидат земени во предвид.

„Предлог-законот беше поставен на ЕНЕР и сите засегнати страни можеа да дадат коментари.

На организираната јавна дебата присуствуваа сите фирми кои имаат лиценца за одгледување и екстракција на канабис за медицински цели, правните лица што имаат доставено барања за одгледување, како и Асоцијацијата која ги застапува нивните интереси.

Нивните коментари ќе бидат земени предвид и по нив ќе одлучуваат експерти во Владата на Република Северна Македонија. Со текстот на новиот закон се запознаени и научната фела и невладините организации“, велат од Министерството за здравство.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Поради шпионажа за фирмата „АТС груп“ од Македонија во Србија приведени тројца инжинери од „Крушик“

Редакција

ВМРО-ДПМНЕ: Прифатливо е спојувањето на СЈО и ЈО, Русковска не

Редакција

Рама и Мета го поздравија „укинувањето на ветото“ од страна на бугарскиот парламент

Редакција