еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ Убава приказна

За една година произвеле 1.000 тегли ајвар, џемови, слатко: Снаа и свекрва со домашна храна создаваат успешна бизнис приказна

Во тетовско Доброште, Ирена Синадиновска со свекрвата, сопругот и синот минатата година произвеле над 1.000 тегли ајвар, џемови, слатко, како и друг вид домашна и традиционална храна која ја продавале на своите веќе постојани купувачи.

Тие веќе петта година својата егзистенција ја имаат единствено преку овој начин-сите земјоделските култури што ги одгледуваат на своите ниви потоа ги преработуваат во традиционална домашно зготвена храна и ја продаваат.

– Целото семејство е вклучено сопругот, свекрвата, синот и јас. Посебно јас и свекрвата, без неа не би можела да фунцкионирам. Минатата година зготвивме над 1.000 тегли, а побарувачката расте.

Искрено, сакам да најдам некоја жена за помош, да биде платена за работа, ама не се нафаќа никој ова да го работи, па оттаму и објаснувањето зошто расте интересот да се купи домашна храна, вели Ирена Синадиновска.

Синадиновски имаат свои земјоделски површини на кои се огледуваат сите можни култури од кои се прави домашната храна и зимницата. Имаат и добиток-крави и телиња.

-Сега периодов сме сконцетрирани на правење домашна зимница, бидејќи имаме наши пиперки, домати, лук, кромид и се што е потребно. Сметам дека се повеќе се купува домашната храна затоа што е поздрава за разлика од индустриската, објаснува Ирена.

Периодов, како што налага сезоната, Синадиновски се ангажирани со подготвување на домашна зимница. Во текот на целата година имаат продажба на домашно бело сирење и кашкавал.

Одгледуваат и продаваат грав, лешници, аронија и други видови овошја.

-Имаме наши крави од кои имаме млеко и кое го преработуваме па правиме домашно сирење, кашкавал со разни додатоци, со аронија пример, во маслиново масло и слично. Оваа работа ја правиме во текот на целата година, бидејќи постојано има млеко од добитокот кои самите ги одгледуваме во нашиот двор, вели таа.

Домашно подготвената храна на село се повеќе се бара да се купи во градовите.

-Ние во тетовската околина имаме најмалку заинтересирани, бидејќи сметам дека се уште во селата луѓето претежно самите си готват домашна храна и зимница. Од друга страна побарувачка имаме од луѓе во Скопје и другите градови низ Македонија. Ваквата храна ја испраќаме на печалбарите во Германија, Словенија, Англија, вели домаќинката од Доброште.

Ирена и семејството имаат регистрирано и фирма согласно новите правилници за индивидуалните земјоделци кои продаваат преработки од нивните производи (познати како правилници за продажба на земјоделски производи од „куќен праг“).

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„ИРД инженеринг“ понуди најдобар квалитет и цена, велат од Државни патишта за надзорот за изградбата на Коридор 8 и Коридор 10д

Редакција

Грчкиот остров Миконос од денеска без музика и со полициски час

Редакција

Втор круг од Локалните избори: Ќе се гласа во 44 општини, прв круг ќе се прегласува на по едно избирачко место во Дебар и Шуто Оризари

Редакција