Не верувам дека постои чесен Македонец кој може да прифати вакво нешто. Ова е време невреме за Македонија. Не е време за калкулации и молк. Затоа после долго молчење, чувствувам потреба да го искажам својот став за ова историско и суштинско прашање за македонскиот народ, вели во колумна за Плусинфо, поранешниот пратеник и генерален секретар на СДСМ, Горан Минчев.
“Јасно и гласно сакам да го искажам мојот став во врска со овој предлог. За мене предложениот француски предлог е крајно понижувачки и неприфатлив.
Прифаќањето на овој договор претставува самоукинување на македонската нација, поништување на македонската историја, откажување од македонскиот јазик, со еден збор велепредавство на македонската држава.
Ова не е договор за почеток на преговори за влез во ЕУ, ова е договор за долгогодишна стагнација и блокада на нашата стратешка цел да се приклучиме кон евроското семејство таму каде што ни е местото и каде што географски и цивилизациски припаѓаме. Се сметам за прозападно ориентиран човек, подржувач на социјалдемократска идеологија и европските вредности.
Во текот на мојата политичка кариера искрено, ревносно и силно се залагав за влез во ЕУ и за сите придобивки кои таа ги нуди. Но, не можам да прифатам како Македонец, таму да влезам без свој идентитет, без свој јазик, без право на своја историја и култура и без свое достоинство.
Потврда за овој мој став е и експресното прифаќање на овој предлог од двоецот Радев-Петков (кои имаа екстремно асимилаторски став кон македонската нација), изјавата на бугарската министерка за надворешни работи Генчовска, дека овој предлог ги задоволува сите бугарски барања и изјавата на францускиот амбасадор во Софија (кој е официјално лице и ги изнесува француските ставови) кој потврди дека се работи за истиот предлог кој е малку рафиниран и изрази чудење зошто владата во Скопје го претставува како нов“, пишува тој меѓудругото во колумната.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Весна од СДСМ и Весна од ВМРО-ДПМНЕ рекоа НЕ за „францускиот предлог“ пред Влада
Малинка Ристевска Јорданова за „францускиот предлог“: Не треба да остане не
Фото: Влада