Доста беше омраза, порача премиерот Зоран Заев на неговиот фејсбук-профил, откако бугарскиот министер за одбрана и вицепремиер на Бугарија, Красимир Каракачанов го нарече Бугарин.
„Јас сум Македонец кој зборува македонски јазик, признат од целиот свет. Каракачанов е Бугарин кој зборува бугарски јазик признат од целиот свет. Но, етничката и идентитетска разлика не е единствената меѓу нас. Поважна и посериозна е разликата во нашите светогледи.
Јас работам на доближување на ставовите околу разликите и знам дека тоа е можно само преку размена на идеи и мислења, а не преку навреди и недолични пораки. Нашите народи очекуваат исчекор кон пријателство, а не говор на омраза,“ напиша Заев на неговиот Фејсбук-профил.
По интервјуто на Заев за бугарската агенција БГНЕС, Каракачанов, вели дека премиерот на Македонија, е Бугарин на кому „полека му работи умот“.
„Според стариот бугарски обичај, Бугаринот се вразумува следниот ден, па така е со мојот колега Заев“, рече Каракачанов.
Каракачанов исто така рече дека заедничката историја за која зборува Заев е всушност бугарска историја до 1944 година.
Фото: Влада