За прегазување на 25-годишниот битолчанец Оливер Петровски, кој управувал електричен тротинет, обвинетиот возач добил казна од 18 месеци затвор. Пресудата е донесена пред неколку дена, а семејството на Петровски е гневно.
Несреќата во која загина Оливер се случи во јули минатата година.
На Фејсбук се огласи неговиот брат Бојан Петровски.
Ви го пренесуваме неговиот статус:
„Бесрамното правосудство во „нашата држава“ го уби брат ми по вторпат!
Судијката Татјана Петровска од Основен суд Битола, немајќи никакво човечко достоинство, донесе срамна пресуда од 18 месеци затвор за убиецот на Оли!
Почитувани, брат ми загина на 29.7.2020 година во сообраќајна несреќа, настан за кој низ Битола е познато дека „загина дете со електричен тротинет„.
Во периодот од тој ден досега, јас и моето семејство, особено моите родители си знаеме низ какви страдања поминуваме.
Инаку, не беше баш несреќа, бидејќи брзо по истата стана јасно дека брат ми немал никаква вина (ја поминал едната коловозна страна на местото на настанот туркајќи го тротинетот, инаку, одејќи на работа, на место каде што има знак за пешачки премин, застанал измеѓу банкините, на местото на кое има отвор помеѓу банкините, бидејќи патот во тој дел од Битола е поделен со банкини, за да ги почека возилата од втората коловозна страна да поминат, и во меѓувреме, со недозволена, голема брзина, крвникот на моето семејство го удрил и за брзо, брат ми им подлегна на повредите).
Сето ова беше јасно видливо од доказите изведени во кривичната постапка (која патем премногу се одолговлекуваше и беше водена неодговорно) и од исказите на учесниците во истата, иако одговорно тврдам дека доказите во голем дел беа тенденциозни, фабрикувани, со цел половина од вината да се префрли кај брат ми.
Но, и покрај тоа фабрикување, беше кристално јасно дека брат ми нема никаква вина!
И покрај тоа, обвинетиот: не призна вина (патем не му беше одземено ни возилото, ни возачката, ниту беше побаран притвор, а и квалификацијата од страна на ОЈО Битола беше несодветна (бидејќи на толку големи прекршоци од негова страна, тој беше обвинет за кривично дело од небрежност, а не со умисла), по само неколку дена од настанот си ја поправи колата и истата ја возеше низ град, постојано тој и неговото семејство нѐ провоцираа (еднаш дури и татко ми беше лажно пријавен во полиција од страна на обвинетиот за наводна закана), обвинетиот не искажа каење, никогаш не се потруди да даде извинување кон нас (напротив, постојано нѐ провоцираше), и брат ми, кој беше убиен од негова страна, имаше само 25 години!
На сите овие околности, бесрамната судијка му изрече трагично мала пресуда, и покрај тоа, ниту јас, ниту некој од моето семејство беше повикан на изрекувањето на пресудата!
Со тоа, таа ја продолжи праксата на неказнивост на убијците со возила, (зашто сведоци сме дека еден куп вакви настани во оваа држава поминуваат со премали казни, а некои дури и неказнето), и стана соучесник во убиството на брат ми.
Ги предупредувам сите засегнати, кои презеле некое противзаконито дејство, дека бескомпромисно ќе се потрудам да бидат казнети! Ќе испратам писма до Апелациониот суд во Битола и до ОЈО, во кои ќе ги предупредам да постапуваат разумно во остатокот од постапката.
Оваа моја објава ќе ја проследам и до медиумите, а ве замолувам и сите кои ќе ја прочитате да ја споделите, за да ја разбудиме свеста на Македончето, бидејќи мора да се стави крај на лудачкото возење по патиштата!“.