еМагазин
Image default
Македонија

Американската амбасадорка Бернс: Усвојувањето на законот за ЈО ќе испрати позитивен сигнал, ревидирањето на Преспа носи ризик

Американската амбасадорка Кејт Бернс ги повика партиските лидери да најдат компромис за Законот за јавното обвинитество и да овозможат да биде усвоен пред распуштањето на Собранието.

– Усвојувањето на новиот закон за ЈО ќе ги унапреди владеењето на правото, транспарентноста и одговорноста. Ја истакнуваме и важноста случаите на СЈО да продолжат да се процесуираат на кредибилен начин во Јавното обвинитество.

Веруваме дека ова се вистинските одлуки за да се создаде доверба кај граѓаните и да се потврди дека поединци кои извршуваат високи функции ќе сносат одговорност за какви било злоупотреби. Ова е важен сигнал.

Самиот закон е клучен не само како сигнал за ЕУ, туку и за иднината на земјата. Апелираме до сите политички партиски лидери да седнат заедно, да ги надминат разликите, да ги стават на страна своите партиски позиции и да работат на законот, да го усвојат, пожелно е, пред распуштањето на Собранието, за земјата да продолжи по својот пат, изјави Бернс во интервју за „Сител“.

Со тоа, вели амбасадорката на САД, ќе биде испратен и позитивен сигнал до членките на ЕУ во котекст на одлуката за почеток на преговорите за членство со Северна Македонија.

Бернс очекува наскоро да заврши ратификацијата на протоколот за членство во НАТО во Шпанија и земјата многу брзо да стане полноправна членка на Алијансата.

За очекувањата во однос на европерспективата на С.Македонија, таа истакнува дека ЕУ повеќепати кажала дека интеграцијата на Западен Балкан е нејзина стратешка цел, а истото важи и за САД.

– Ние бевме длабоко разочарани што во октомври не беше донесена одлука за почеток на пристапните преговори. Во изминатите недели видовме позитивни изјави од ЕУ лидерите и од Брисел и се надеваме дека следните недели и месеци, дури и во март, ќе има многу позитивен сигнал за Северна Македонија и поканата за преговори со ЕУ, изјави амбасадорката на САД.

Но, има работи, вели Бернс, што треба да ги направи и Северна Македонија и да испрати позитивен сигнал до ЕУ, како што се продолжување на реформите, спроведување фер избори, одржување добри односи со соседите, борба со корупцијата и создавање економски амбиент за привлекување инвестиции, а особено усвојување на Законот за јавно обвинителство.

Во однос на претстојните избори, Бернс очекува тие да бидат фер и демократски, а по нивното завршување да има непречена транзиција кон нова влада која ќе остане посветена на спроведување на реформите и евро-атлантскиот пат.

Апелира партиските лидери и политичарите да се фокусираат на проблемите, а не на лични напади и да овозможат простор за демократска дебата. САД заедно со нивните меѓународни партнери внимателно ќе го следат спроведувањето на изборите.

За најавата од ВМРО-ДПМНЕ за можно ревидирање на Преспанскиот договор ако освојат двотретинско мнзоинство на изборите, американската амбасадорка оценува дека ова прашање предизвикува вистинска загриженост, и граѓаните не треба да бидат збунети и заведени за тоа што се ризикува во тој процес.

– Не треба да се заборави дека добрососедските односи се предуслов за членството во НАТО и во ЕУ. Ние знаеме дека Преспа беше компромис, имаше тешки преговори кои подразбираа отстапки од двете страни.

Но, она што беше постигнато со Преспанскиот договор е што конечно беше откочен патот за Северна Македонија да стане НАТО сојузник и да го продолжи патот кон ЕУ. Уште поважно, и помогна на земјата да се придвижи напред од позицијата на стагнација на политички и на економски план.

Многу е важно да се има предвид дека не само што ЕУ го препознава значењето на одржување добри односи со соседите како дел од критериумите за пристапување, туку и тоа дека навистина се работи за иднината на земјата, нејзин економски напредок, работни места, трговија, странски инвестиции.

Многу е важно да не се загрозува оваа извонредна трансформација што се случува. Тие постигнувања не треба да бидат загрозени и тоа треба да се сфати многу сериозно, изјави амбасадорката на САД, Кејт Бернс.

МИА/Фото: Американска амбасада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Од 1. јули ќе се издаваат пасоши со „Северна“

Редакција

Заев го тужи потпреседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Николоски за клевета дека бил врвот на пирамидата во случајот „Рекет“

Редакција

Во Гевгелиско досега 109 починати од Ковид-19

Редакција