Активисти од здруженијата за заштита на животните „Мали херои“, „АРК“ и од фондацијата „Бибевски“ упатија протестно писмо до градоначлничката на Битола и директорот на ЈП „Комуналец“ од Битола во однос на тврдењата дека уличните кучиња се заловуваат и убиваат со образложение дека ја зголемуваат опасноста од ширење на корона вирусот.
„Во последниве неколку денови од 01.04.2020 г. наваму активистите од Битола почнаа да забележуваат дека исчезнуваат улични кучиња од локациите на кои тие вообичаено се движат. Меѓу кучињата кои се исчезнати има и такви со ушни маркички и такви без.
Според изјавите од сведоци, ЈП „Комуналец“ заловува и убива улични кучиња и со ушни маркички и без, со изговор дека тие претставувале опасност од ширење на коронавирусот“, се вели во писмото.
Во него, се нагласува дека според светските авторитети во хуманата и ветеринарната медицина – Светската здравствена организација (WHO) и Светската организација за здравствена заштита на животните (OIE) во повеќе наврати е потенцирано дека според научните сознанија до денес – не постои опасност коронавирусот да се пренесе од миленик на човек.
„Истото во Македонија го пренесоа и потврдија и Агенцијата за храна и ветеринарство, како и Ветеринарната комора на Република Македонија. Согласно со горенаведеното, констатираме дека заловувањето на улични кучиња и нивното убивање како „мерка за превенција од коронавирусот“ претставува злоупотреба на службената должност и овластувањата (член 353 од Кривичниот законик на РМ) и убиство на невини животни спротивно на законот (член 233 од Кривичниот законик на РМ)“, се вели во писмото.
Активистите бараат одговор и од градоначалничката и од директорот на ЈП Комуналец, кој издал наредба да се заловуваат и убиваат кучињата.
„Најавуваме дека дури и во случај да бидеме повторно игнорирани и од Општината и од ЈП Комуналец, ние ќе поднесеме соодветни кривични пријави и ќе ги алармираме соодветните Директорати во Европската Унија, бидејќи за да отпочне со процесот на апроксимација кон европското право, Македонија мора да исполнува одредени критериуми и во однос на правата на животните“, се вели во писмото.
Активистите информираат дека заловените и усмртени кучиња со ушни маркички биле стерилизирани/кастрирани, вакцинирани и дехелминтизирани со помош на фондацијата „Бибевски“.
„На овој начин активистите и совесни граѓани ѝ помагаа на Општината во спроведувањето на контролата врз бездомните животни“, се вели во писмото.