Од тоа што ќе покажат резултатите од денешните тестирања, дали ќе има помал или поголем број новодијагностицирани заразрени со коронавирусот ќе зависи димензионирањето на натамошните мерки и постепеното отворање на економијата, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Тие резултати, рече, ќе ги анализираме на утрешните состаноци и на Комисијата за заразни болести и на централниот Штаб на Владата по што ќе се знае како точно ќе се димензионираат мерките и кои субјекти прво ќе бидат отворени.
Ако утрешната бројка на новодијагностицирани, од тестирања направени денеска, е повторно онаква како како што покажува трендот од изминати две недели, а не како вчера, според Филипче, таа би се толкувала како варијација, ќе биде препорачано постепено отворање на институциите.
-Тие што организираат едукации, курсеви, автошколите би биле тие кои ќе бидат први, кои ќе почнат да функционираат согласно предлозите.
Но, да повторам дека по овие предлози ќе се дискутира на утрешниот состанок и ќе бидат предложени до Централниот штаб во Владата.
Очекувам дискусија и во однос на мерките и во однос на динамиката, но сите тие кои лесно можат да воспoстават ред, дистанца, дезинфекција, носење маски, и оние кои можат да воспостават шалтерски систем ќе имаат приоритет, рече на прес-конфереција Филипче.
Прашан за олабавување на мерките за спортистите, Филипче истакна дека се размислува да се дозволат индивидуалните спортови, но потенцира како сето тоа понатаму ќе се одвива ќе се знае по утрешните состаноци.
Во врска со скринингот, тој повтори дека доколку има стабилна ситуација и тренд на намалување на пациенти, државата ќе може да премине од едни мерки кои важеа за сите и беа носени на национало ниво кон други, кои ќе бидат креирани по таргетиран скрининг, со кој, како што рече, можат да се откријат мали групи за кои може да важат посебни мерки за да се спречи ширењето таму каде ќе биде дитектиран вирусот.
Сега се тестираат пациенти со симптоми, рече, но натамо со скринингот ќе ни се овозможи да го надградиме пристапот, кој ќе биде таргетиран на одредени критични групи вработени во здравствени институции, градинки и домови за стари лица за да се откријат асимптоматски носители.
-Затоа што во таа ситуација би донеле мерки кои ќе важат само за тие групи кои сметаме дека се покритични и поризични односно ќе се открие присуство на вирус и покрај тоа што се асимптоматски, рече тој додавајќи дека активноста ќе се спроведува со матичните лекари и стоматолози, во соработка со центрите за јавно здравје.
МИА/Фото: Влада
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Почина уште еден пациент заболен од корона вирусот, вкупната бројка изнесува 90
Убава вест: Оздравени уште 20 пациенти од корона вирусот, вкупната бројка е 1.099
Вкупно 1.586 заболени од корона вирусот: Регистрирани 14 нови случаи