Без било каков вид на тест и без задолжителен карантин, од 15 јуни 2020 година, започнува странскиот туризам во Грција за посетители од држави со добри епидемиолошки карактеристики, а балканските земји може да бидат меѓу првите за кои ќе биде дозволен влез, согласно планот на грчката влада „Restart tourism“, презентирани од министерот за туризам на Грција, Харис Теохарис, кој рече дека станува збор за „програма што ги содржи сите неопходни предуслови за брзо и безбедно да започне грчкиот туризам“.
– Во соработка со комисијата на епидемиолози ќе се одреди листа на земји со кои ќе се ослободат летовите, пред крајот на месецот ја соопштиме оваа листа. Ослободување значи, и ова треба да се истакне за да им биде на сите јасно, дека предуслов нема да биде правење на било каков вид на тест за некој да дојде во нашата земја и нема да постои карантин.
Но, ја задржуваме нашата можност да правиме тестови по случаен избор за епидемиолошки да следиме што се случува, рече Теохарис.
Надлежниот министер објасни дека постојат пет фази, првите две се однесуваат на домашниот туризам, на 25 мај се ослободува патувањето со јахти, а на 1 јуни се отвораат камповите и хотелите кои работата во текот на целата година.
Следните три фази, почнувајќи од 15 јуни се однесуваат на странскиот туризам, со отворање на останатите туристички објекти, меѓу кои и сезонските и со дозвола за првите летови од странство.
– Ако ситуацијата е како што е сега, сигурни сме дека од балканските до балтичките земји, еден пример е Бугарија, ќе бидат меѓу првите земји со кои ќе можеме да го обновиме поврзувањето, рече Теохарис.
Фазата од 1 јули предвидува дозвола за летови од странство кон сите аеродроми, како и дозвола за влез на туристи од сите земји, но во зависност од епидемиолошките карактеристики, може да постојат и исклучоци за одредени земји.
Паралелно, за безбедно да се примат туристите, предвиден е план за управување доколку се појави позитивен случај. Во планот е вклучено зајакнување на здравствениот капацитет на туристичките дестинации, што меѓу другото предвидува туристичките објекти да имаат соработка со лекар, како и управување со позитивен случај за што треба да постојат специјални „простори-карантин“ во секој регион и на секој остров.
Исто така ќе постојат посебни здравствени протоколи за работа на хотелите и туристичките објекти, за туристичките автобуси, за превозот, транспортот и сл., а ќе бидат вклучен во закон кој во следните денови ќе се гласа во грчкиот Парламент.
Меѓу економските мерки за поддршка на туризмот, како што беше соопштено вчера, вклучено е намалување на ДДВ-то за превозот, за кафето и безалкохолните пијалаци и на туристичките пакети.
Во владиниот план, предвидени се и мерки за поддршка на домашниот туризам.
Министерот за туризам соопшти дека во 2019 година, 33 милиони туристи ја посетиле Грција, а профитот бил 19 милијарди евра.
МИА
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Грција ќе ги тестира туристите по случаен избор
(Фото) Тие што ќе патуваат со брод во Грција треба да пополнат прашалник за Ковид-19
(Видео) Редици за влез на плажите во Грција