Тетовската болница бележи рекордни 80 лица на болничко лекување поради Ковид-19, што не беше случај ниту во ноември 2020, ниту во март/април 2021 година кога имаше голем број болни и починати. Изминатото деноноќие има пет починати и нови 12 хоспитализирани.
– Имаме состанок со сите раководители на одделенија и директори, бројот се зголемува секој ден – 80 хоспитализирани, амбулантски прегледи има над 120, сите тие се со Ковид-19, што значи дека болницата третира околу 230 позитивни лица.
Имаме прогноза дека секој ден ќе биде се полошо. Кадарот што користи одмор се враќа на работа и чекаме нови мерки, изјави д-р Гзим Нуредини, координатор на ковид-центарот.
Освен во модуларната болница, болни има на двата ката од интерното одделение, инфективното, а пациенти со ковид се хоспитализирани и во специјалната болница во Лешок.
– Со овие простори менаџираме. Ќе имаме нови хоспитализации, договараме дали ќе треба ковид соби и во другите одделенија на клиниката. Се дискутираше за носење во Скопје, но бројот секаде се зголемува, истакна Нуредини.
Сите пациенти на болничко лекување се над 65 години, невакцинирани и со хронични болести. Само осум од нив, се со една доза вакцина против Ковид-19.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Драматично во Тетово: Голем наплив на пациенти со Ковид-19, можни дополнителни локални мерки
МИА/Фото: МИА