еМагазин
Image default
НАША ТЕМА

Град Скопје молчи за изградбата на гасоводот и одлуката по ова прашање не ја соопштува јавно

Градоначалникот на Град Скопје уште во декември 2017 побарал преиспитување на трасата на гасоводот, изготвување нова оцена на влијание врз животната средина, повторување на постапката за добивање на потребната документација за изградба на предметната делница на гасоводот, објави О2 Коалицијата за чист воздух на нивниот фејсбук профил.

Ова, Град Скопје не сака да го соопшти во јавноста само од нив познати причини, иако, еМагазин побара став од градот по однос на изградбата на гасоводот.

Побаравме став од Градот, бидејќи граѓанските здруженија кои се против изградбата на гасоводот на Водно, во последното соопштение до јавноста го повикаа Град Скопје, бидејќи како што велат, локалната управа ја има и ја носи најголемата одговорност за состојбата на заштитеното подрајче, бидејќи таа има најголеми придобивки од него, односно локалното население.

„Град Скопје под чија надлежност е парк шумата Водно мора да биде главен носител на одлуките по однос на гасоводот низ ова подрачје и не смее, како до сега, да се заобиколи, минимизира и девалвира неговиот став по однос на ова прашање. Централната власт во однос на заштитетните подрачја е субординантна. Гласот на локалното население кое има најголеми придобивки од заштитеното подрачје е глас кој мора да се слушне“, се вели во соопштението на иницијаторите.

Од О2 Коалицијата велат дека барање да се ревидираат веќе започнати гасоводни проекти и да се оди по друга траса е нешто што не го правиме само ние тука, туку и блиското ЕУ соседство, каде Италијанците на југот во (А)пулија веќе повеќе години не даваат стари маслинови дрва да се откорнат за поставување на последните 8 килoмeтри од 878 км на транс-јадранскиот гасовод.

„Тој гасовод чини околу 4.5 милијарди евра, но сепак не се продолжува на сила против волјата на локалното население и покрај тоа што ги имаат сите потребни дозволи за изградба, како што ни укажа вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев за време на последниот состанок оваа недела.

Во Италија, министрите сакаат да го стават целиот проект под ревизија, каде министерката на јужниот регион каде се случува противењето против градењето на гасоводот, сака специјална комисија да утврди дали е можно да се измени рутата. Во нашиов случај знаеме дека е можно и дека има алтернативна рута.

Оваа Влада сака нашата земја што побргу да биде дел од ЕУ, што значи дека ќе треба да продолжи да го почитува правото на локалното население да се спротивстави на градењето на гасоводот по Водно и да не гради на сила. Освен ако не мисли да ги задржи фараоните и понатаму во 21ов век“, велат од таму.

Граѓаните против, Владата не отстапува

Граѓанските здруженија остануваат на ставот дека се против изградбата на  гасоводот на Водно и тој став му го пренесоа на вицепемремиерот Кочо Анѓушев на последната средба во Владата.

Анѓушев претходно ја помина трасата на Водно низ која треба да поминува гасоводот и на таа средба со иницијаторите беше предложена нова траса со која на половина се намалува сечењето на шумата.

-Мислам дека веќе се постигна оптимална траса низ која што ќе има минимални оштетувања. Се работи за 70 отсто помалку оштетувања од тоа што беше првобитно замислено. Доколку и понатаму имаме желба да направиме еколошки потфат, како што е градењето на гасоводот, треба да бидеме согласни да продолжиме – додаде Анѓушев.

Но, зошто НЕ низ Водно

Парк-шумата Водно има заштитен статус кој Собранието на град Скопје го има донесено во 1976, а е потврдено во 1991. Ова претставува регистрирано природно наследство кое според Меѓународниот сојуз за заштита на природата и природните богатства (IUCN) има меѓународен статус: III категорија и режим на заштита.

Овој режим на заштита забранува сеча, поткастрување, кршење, насилно оштетување на дрвја, стебла, корења, гранки; менување на растителни услови, како отстранување на земја; градење на поголеми постојани објекти или градби на подрачјето на непосредниот растителен реон.

Парк-шумата Водно е дом на глобално и европски загрозени видови, значајни ретки и ендемски видови, на ретки или засегнати типови на живеалишта.

ПРОЧИТАЈТЕ ГИ И ОВИЕ СТОРИИ

Граѓанските активисти остануваат цврсто на ставот ПРОТИВ уништување на Водно

(Фото) Анѓушев на Водно лично се уверуваше каква шума ќе биде уништена за трасата на гасоводот

„Го сакам Водно“ реагираат на изјавите на Заев за гасоводот на Водно и го канат заедно да видат што ќе се уништи

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Штедачи „заборавиле“ да побараат обесштетување во вкупен износ од 2,4 милиони евра

Редакција

Каков имот пријавил Фатон Ахмети, директорот на Фондот за здравство, кој поднесе оставка

Редакција

Колку пари потрошил Заев на угостителски услуги, хотели и подароци

Редакција