еМагазин
Image default
На кафе во Кантина ТОП СТОРИИ

Митко Јанчев за првпат зборува за приватниот живот: Како несудениот полицаец стана бизнисмен и градоначалник

Не станал полицаец, ама стана еден од најпопуларните градоначалници и еден од најуспешните македонски бизнисмени и косопственик на “Кожувчанка“.

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев (42) во рубриката на еМагазин „На кафе во Кантина“, за првпат зборува за својот приватен живот и кариера.

Детството го поминал на улица со лепче со мармелад и маргарин и игри

Вели дека имал прекрасно детство, кое го поминал со игра на улица. Играле џамлии, криенка… со лепче со мармелад или маргарин, подготвено од баба му.

-Со децата кои пораснав сум другар и ден денеска. Функцијата на градоначалник и парите кои ги заработувам како бизнисмен не ме променија.

Тие и денеска ми се другари за роденден, за дочек на Новата Година, за добро и лошо. Ништо не се сменило, вели тој.

Потенцира дека бил пргаво дете, но не конфликтно.

Неговите родители, во тој период од неговиот живот отвориле продавница за авто делови и увезувале масло, па вели дека тоа им овозможило скромен нормален живот.

Има само една сестра Јанинка Чупаркоска, со која се сопственици на „Кожувчанка“. Тој поседува 75% од компанијата, а таа 25%.

Курт Кобејн и мотори

Еден од моментите од детството на кој засекогаш ќе се сеќава е кога неговите родители му купиле мултифункционален касетофон.

-Ечеше гласна музика. Курт Кобејн и Металика. Сите другари имавме долги коси, облечени во црни мајци. Прави металци, раскажува тој.

Уште од тинејџерски години па до ден денеска е голем љубител на автомобили и мотори, па како што вели почнал да вози од седмо одделение, и секако тоа не поминало без казни од родителите.

Од тоа време го памети и учеството во бројни квизови, натпревари по ОТП…

-Убави времиња беа тоа. Немаше мобилни и интернет. Другарот што живееше најдалеку не собираше другите по пат за да излеземе во град, вели тој.

Несуден полицаец

Желба му била да стане полицаец. Кога завршил основно училиште сакал да запише средно полициско, една од последните генерации, кои ја имале таа можност, ама неговите родители не биле среќни за тоа.

-Тие сакаа да учам за економија, да останам во бизнисот. Па на крај запишав електро техничко во Кавадарци.

Образованието го продолжува на Економскиот факултет во Прилеп, каде научил повеќе работи за маркетинг и продажба, кои и тоа како ќе му се најдат во периодот кој му следи со многу неочекувани животни предизвици и пресврти.

„Мито водата“

По совет на баба му и дедо му од страна на татко му, неговата фамилија одлучува да влезе во бизнисот со продажба на вода.

Во 1994 година ја отвораат “Кожувчанка“, прва приватна фабрика за минерална вода во Македонија, која користи вода од изворот „Кисела вода„, кој е на имот на неговиот дедо, која се користела дури од римско време.

-Секако тоа не беше лесна одлука. Имаше големи притисоци и опструкции од државните компании во бизнисот со вода од тоа време, а и нормално логично беше прашањето колку ќе биде исплатлив овој бизнис: „Кој купува вода?„, вели тој.

Фабриката ја основаат неговиот татко и чичко му, кој тогаш живеел во Германија.

Заедно со другарите за време на летниот распуст работеле во фабриката за џепарлак, а Јанчев ќе има можност да работи на сите можни места во хиерархијата на фабриката.

-Го добив прекарот „Мито водата“. Имав обичај во магацинот да седнам на маса, и да се замислувам како го водам бизнисот. Правев измислени фактури, испратници и се обидував да замислам како би било убаво да продаваме по еден шлепер вода на ден, што тогаш ми делуваше како многу, вели тој.

Со семејството за неговиот роденден
Со семејството за неговиот роденден

На 22 години во брак, на 23 почнува да ја води фабриката

Како на филм ќе мора многу побрзо да „порасне„ и да ја води фабриката, поради ненадејната смрт на неговиот татко, Никола Јанчев, кој починал на 52-годишна возраст.

Една година претходно кога имал 22 години се оженил за Веселка Јанчева, со која се 20 години во брак, а семејната трагедија ќе го снајде во периодот кога се одлучиле со сопругата да живеат во свој стан, заедно со првото дете Никола Јанчев, кој денеска има 19,5 години.

-Не е лесно ништо. Тешки моменти беа тоа. За брзо по погребот морав да се вратам на работа. Пред мене беше голем предизвик за развојот на фабриката, која веќе беше препознатлива.

Со татко ми не се согласувавме за некои работи околу развојот на бизнисот, но тогаш сфатив дека е вистинското време истите да се имплементираат, вели тој.

Веќе му биле познати многу работи околу бизнисот, имал можност покрај татко му да запознае луѓе од различни профили и да учи од постарите успешни бизнисмени, што многу му помогнало.

-Татко ми имаше големи визии. Беше вистинското време тие да се реализираат.

Си направив листа од десетте работи за кои често дискутиравме, а јас бев против, и почнав да ги спроведувам: стартување со производство на брендот „Синалко“, договор кој татко ми веќе го имаше склучено со германската компанија, инвестирање во нов погон и фабрика, барање за нова концесија за извор на негазирана вода, инвестиции во опрема, лабораторија, безбедност, маркетинг, реинвестиции…

До тогаш ме интересираше како да имам подобра кола, но приоритетите се сменија преку ноќ. Парите одат во фабриката, вели тој.

Визијата на татко му стана реалност

После 10 години, бизнисот има раст за 15%, газираната вода „Кожувчанка„, денеска според интерни податоци има пазарен удел од 40%, новиот бренд негазираната вода „Изворска“ пазарен удел од 57%, безалкохолниот пијалок „Синалко„ од 24%, нови производствени линии, повисоки безбедносни стандарди, нова палета на производи збогатена со енергетски пијалоци и чаеви, линија за изработка на стаклена амбалажа, пивски бренд „Македонско пиво“…

Фабриката има 360 вработени со просечна плата од 40 илјади денари, а тоа на што Јанчев е посебно горд е општествено одговорна компанија која донира на локално и државно ниво, од здравство до талентирани ученици и студенти и изградба на црквата Св. Петка во Кавадарци.

Годишно фабриката остварува приходи од 1-2 милиони евра.

Неговиот анкетен лист, како што вели, му вреди 17 милиони евра.

Зошто влезе во политика

Се одлучил да влезе во политика за да може своето знаење и менаџерски квалитети да ги употреби за општо добро, вели тој, а доказ дека успеал во тоа е што доби втор мандат и нема дилема важи за еден од најуспешните градоначалници.

-Сакав да работам за општо добро, но и да му помогнам на приватниот сектор за прашања поврзани со нелојална конкуренција, инфраструктура… Па јас сум основачот на регионалната Комора на Стопанската комора за Кавадарци, на која и бев и првиот претседател.

Точно знаев што и фали и кои се проблемите на Општината во делот на секојдневните потреби на граѓаните, како и на бизнис секторот.

Не добил поддршка од никого во фамилијата за да влезе во политика, а против биле и дел од најблиските другари.

-Бев сигурен дека знам што правам и покрај тоа што не добив поддршка од никој во семејството, вели тој.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Галерија) Митко Јанчев има две канцеларии

На Груевски многу му недостигаат децата

На предлог на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски тој станува кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.

-Ми рече ти си богат човек, кој вози скапи автомобили, а се уште живееш во Македонија…

Не станав градоначалник за да профитирам. Кога ја добив понудата реков дека единствено нешто што барам е да не добивам партиски директиви, и да ме остават да работам како што знам и умеам.

Така е до ден денеска, вели тој.

Како што вели се уште комуницира редовно со Груевски, а нивите теми на разговор се најчесто за нивното секојдневие.

-Многу му недостигаат децата, вели Јанчев, кој потенцира дека никогаш нема да работи против ВМРО-ДПМНЕ и дека секогаш ќе и дава поддршка, одговарајќи на нашите прашања за „кавгата“ помеѓу сегашното раководство на опозициската партија со Груевски, како и за периодот кога беше дистанциран од истата од страна на актуелниот лидер, Христијан Мицкоски.

Јанчев е прв од неговото пошироко семејство кој извршува јавна функција.

Со неговиот тим во Општина Кавадарци
Со неговиот тим во Општина Кавадарци

Не зема градоначалничка плата

Тој е еден од многу ретките функционери кој не зема плата. Истата ја донира во Фондацијата „Никола Јанчев“, од каде на годишно ниво со 50.000 до 70.000 евра се помагаат талентирани деца и се помагаат социјално загрозени семејства.

Нема ни службен автомобил, па на Општината, откако е градоначалник поради тоа и заштедил сигурни 200 илјади евра, вели тој, а освен за набавка, заштедил и пари за амортизација за возилата.

Не троши ни пари за репрезентација, па за овој период заштедил уште најмалку 300 илјади евра.

Размислува и за трет мандат

Би сакал да добие и трет мандат, за да може да ги реализира големите инфраструктури проекти како заобиколницата, отворањето на граничниот премин со Грција, „Пуљевац“, за кој е почната процедурата, подобар пристап со повеќе ленти од Кавадарци до автопатот „Пријателство“, повеќе проекти во делот на трговијата во градот, во стилот на трговскиот центар „Мала Америка“, кој веќе се гради, развој на локалната економија…

-Би прифатил политичка функција единствено ако ми одговара опкружувањето, тимот, и секако ако реално можам нешто да остварам.

Јанчев е татко на три деца, Никола, Стојанче, кој има девет години и најмалата Мила, која има шест години.

-Сите се со различен карактер и со свои желби, понекогаш е лесно со нив, понекогаш тешко. Мила на шега знае да ми каже дека не сум многу битен ако сум градоначалник, раскажува Јанчев.

Сите стории од рубриката на еМагазин “На кафе во Кантина“, ОВДЕ.

Фото: еМагазин/Општина Кавадарци/приватна архива

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Ковачевски не е ниту за ниту против хрватскиот модел за уставните измени, го одби предлогот на Мицкоски за лидерска

Редакција

На 7 години одземена лиценцата на анестезиологот од Тетово, кој објавуваше снимки на пациентки на Тик ток

Редакција

По уништувањето на браната Каховка, полињата во Херсон би можеле да станат пустина

Редакција