Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за МКД.мк, вели дека во партијата за да ги намалат трошоците размислуваат и проценуваат дали да го продадат делот во зградата позната во јавноста како „Белата палата“, каде е седиштето на партијата, или истиот да го изнајмат.
Според проценките на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) направена за случајот „Талир“, вредноста на седиштето на ВМРО ДПМНЕ во палатата „“Христо Татарчев“ е проценето на 6,9 милиони евра.
Палатата ја изгради фирмата „Бетон“ Скопје, а според договорот, дел и припадна на партијата по принципот „клуч на рака“, а другиот дел треба да биде хотел.
Според СЈО, ВМРО ДПМНЕ го вложила само земјиштето вредно околу милион и 250.000 евра, (проценка на СЈО), а добила седиште вредно 6,9 милиони евра и плус околу 2 милиони евра во пари, зашто просторот од палатата што го добила партијата бил за 634 квадрати помал од договорениот, па партнерите се пребиле со пари.
За вложени милион и 250.000 евра ВМРО-ДПМНЕ добиле пари и недвижен имот во вредност од речиси 9 милиони евра, а разликата од 7,8 милиони евра, СЈО ја смета како незаконска донација на фирмата кон партијата.
Друго прашање е колку вреди луксузното опремување на внатрешноста на седиштето, за кое јавноста дозна многу подоцна, откако зградата стана функционална.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Станува ли ВМРО-ДПМНЕ маргинална партија или ќе дочекаме коалиција со „избрканите“?
Мицкоски: На продажба „Белата палата“ на ВМРО-ДПМНЕ