еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

Зошто Егејците плачеа на говорот на Ципрас: Трагедијата си ја носат со генерации

Грчкиот премиер Алексис Ципрас одржа историски говор во грчкиот парламент. За прв пат ги спомна неправдите кои Комунистите им ги имаа нанесено на Егејците (во неговиот говор Славомакедонци).

И слушајќи ја реакцијата на моите пријатели и роднини Егејци, сите си поплачеле. Зошто?

Егејка сум по мајка и по татко. Моите баби и дедовци и некои од нивните роднини биле деца бегалци. Дел од нив останале во Пожарско (Лутраки), Воден (Едеса), Мавровуњо и други места во Грција (Егејска Македонија).

Пред неколку години, бев со мојот дедо во неговиот роден крај во Пожарско. Секогаш му е мерак да оди, посебно кога е со негови деца.

Таа посета во Пожарско, ми имаше посебно значење. Таму го слушнав јазикот на кој „лафеа“ (зборуваа) моите најблиски овде. Истиот јазик, и од другата страна на границата.

Во Грција, егејски зборуваа роднините-генерација на моите родители. За жал, нивните деца нешто разбираат, но не зборуваат воопшто. Тоа е резултат на една долгорочна репресивна политика, која по близу еден век, веќе дава резултати. Нема јазик, нема нација.

Дедо ми, го фотографирав со ќерка ми, негова правнука, пред куќата каде што се родил, каде што израснал и поминал дел од детството. На возраст, малку поголем од детето кое стои пред него на фотографијата, морал да го остави тој живот таму и преку планината над куќата, да спасува жива глава со неговите сестри, брат, родители, роднини.

Застанат до црешата пред која позира, прегрнат со неговата правнука, ниту во сон не можел да замисли, дека еден ден повторно ќе се врати. Бидејќи и самиот бил дете кога останал без ништо.

Боси, гладни, жедни, оставајќи се зад себе, со гол живот пред себе, ја преминале границата. Одделен од родителите сам, а подоцна со сестра му завршува во интернати за бегалци во Романија и Полска.

Никогаш нема да ја заборавам неговата приказна која 100 пати сум ја слушнала, и на 101 пат секогаш пак плачам:

„Кога стигнавме во прифатилиште во Романија, седнати на долги маси, чекаме јадење. Послужија прво леб. Како што жените заминаа за да го донесат другото јадење, ние со брзина на светлината го јадевме, бидејќи бевме прегладнети. Пак донесоа, пак го нема. И така неколку пати. Прво се чудеа што се случува, потоа сфатија. Ги донесоа огромните кошници и ги ставија на масите. Бидејќи чиниите беа премали за големината на нашиот глад. Ние јадевме како невидени, а тие плачеа. До тој момент, бевме само на трици со кои се хранат свињите. Што наоѓавме по пат, тоа јадевме“.

Дедо ми, средно училиште заврши во Полска, и затоа толку добро се разбираше со Полјаците со кои се среќаваше на летувањата по Јадранско Море. Тој горд, а тие воодушевени што некој им го зборува јазикот, како мајчин. А не беа свесни дека зад тоа се крие, учење на јазик на сметка на тоа што, некој друг не ти дозволувал да го учиш твојот мајчин.

Единствен близок до себе ја имал сестра му. Со неговите родители се пронашле преку писма и преку организации чија што функција ја имаат денешните налик на Црвен крст. Години и години откако биле пребегани мајка му не знаела дали децата и се живи, а децата не знаеле ништо за родителите.

Слушнале абер еден за друг, кога политиката го дозволила тоа. Но во писмата до семејствата, смееле да го напишат само тоа што учителката ќе им го напишала на табла. Кога дошло време, односно се содзале политички услови, тој се вратил во Македонија кај своите. Но не повеќе како дете, туку адолесцент израснат, без никој.

Куќата, пред која што позираше како старец, но и имотот им беше конфискуван од државата. Дадени на други семејства, неретко и нивни луѓе, предавници на својот род. Во дворот на куќата немаше никој, освен дедо ми и ќерка ми насмеани, веројатно несвесни дека позираат за една историска семејна фотографија.

За среќа, јас сум далеку од таа негова судбина. И не сум поминала ни приближно исто. Но неговата мака, ми тежи на плеќи. Веројатно заради тоа што таа е длабоко врежана во генетскиот код на бегалците и ќе се пренесува со генерации.

Неговата приказна е капка во морето судбини на бегалците од Егејска Македонија, и горенаведеното, ништо доловено од трагедијата што ја преживеале поради голготата на војната и неправдата нанесена од државата.

Алексо Пецов е еден од оние, спомнати во историскиот говор на грчкиот премиер Алексис Ципрас во парламентот.

Потомството очекува да живее во држава која ќе испорача резултати како возврат за промена на името. Кнедлите беа големи за голтање, а кодот не се менува лесно.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Која била Мирка Гинова која Ципрас ја спомна во својот говор во Парламентот

Твитер за спомнувањето на Егејците и Мирка Гинова во грчкиот Парламент: „Аман бе Ципрас. Што е следно на сите по еден апартман на Халкидики?“

Ципрас ги потсети Комунистите за неправдата нанесена на Егејците: Оставам на вашата совест дали ќе гласате

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Собранието го донесе Буџетот за 2023 година

Редакција

Каков имот пријавил Стевчо Јакимовски, кој заврши на „црната листа„ на САД

Редакција

Реториката на историчарите од Софија ја отежнува работата на Историската комисија, смета Пендаровски

Редакција