Камениот мост во селото Зовиќ, кое се наоѓа во битолскиот дел на Мариово е едно од најимпресивните, најмаркантните и најубавите места во државата. Ова место има некоја магија во себе, од која долго време си обземен и ти живее како слика на убаво сеќавање.
Желбата да го видам овој крај од Македонија, конечно ми се оствари благодарејќи на организацијата на Грин Пауер од Велес, кој се приклучија на маршот на колегите од Битола, кој турата од Старавина, преку Зовиќ до Градешница ја организираа во чест на Светскиот ден на здравјето.
Од Старавина кон Зовиќ се движевме околу еден ипол час пешки. Пределот потсетува на теренот на Трескавец, со камените формации и не толку големи карпи.
Но, е единствен по целата таа убавина на селата посебно на Зовиќ, распослан во бескрајната низина, потсетува како некоја земја на Маите и Ацтеките. Нереален поглед поради кој, имате чувство дека сте во некој паралелен универзум. Таму времето застанало, но убавината живее.
Мислев дека Старавина е запуштена, бидејќи има 5-6 жители, но кога дојдовме до Зовиќ водичот Пеце од Битола, кажа дека Зовиќ е уште позапуштено. Што значи дека речиси и да нема жители.
Преубави автентични, селски камени куќи, голем дел од нив разрушени, а оние што останале се држат со последни сили.
Непосредно до селото е Камениот мост. Но не само мостот како некое ремек дело туку целата таа околина со импресивни и масивни камења и карпи, големината на реката Градешница е нешто што не може да се долови со зборови и слика. Ниту „Прашина“ од Милчо Манчевски, ниту репортажи, ниту раскажувања не можат да ја пренесат енергијата која ја има местото.
Старата автентична камена воденица која се наоѓа до мостот, потсетува на најубав љубовен пар чија што љубов е вечна.Таа хармонија на природата, жуборот на реката, фантастичноста на пејзажот слободно можам да кажам дека ве менува како човек. На кој начин, не знам. Но таа енергија долго време ја чувствувате.
Седејќи покрај реката, на два камени како престол, си го најдов сопственото место. Ми се плачеше поради две работи. Убавината која ме обзеде и тагата поради запуштеноста на селото. Си реков, местото да беше во која било друга земја, ќе беше водечки амбасадор на природните убавини. Да знаевме да работиме, немаше да градиме етно село во град, туку ќе ги возобновевме нашите вистински етно села, и на тој начин ќе му понудевме работа на локалното население.
Со малку повеќе вложувања во инфраструктурата, ќе носевме странци и ќе правевме пари. Ќе имавме строги правила и казни за загадување на природата и ќе покажевме сенс за европски бизнис, кон кој толку многу аспирираме, а не знаеме како да го спроведеме.
Зовиќ ќе беше македонската Тоскана на Балканот.
Сакав да ги оставам овие мисли и да се вратам во реалноста, а тоа е дека сум во мало парче од рајот.
Автентичноста на местото, секако е препознаена од странците и со помош на средства од ЕУ, мостот е реконструиран и дозавршен.
По посетата на Зовиќ, групата се упати кон манастирот Св. Илија, Градешница до каде што се движевме околу три часа.
Патешествието исто така си беше убаво на свој начин. Селото Градешница е погусто и повеќе населено од Старавина и Зовиќ. Импресивно е што на толку мало место има девет цркви, и четири моста на реката Црна која беше во најжуборесто издание.
Но, за мене турата заврши кај Камен мост во Зовиќ, бидејќи ја видов најголемата убавина, и не беше фер да барам повеќе. Го напуштив мостот, но мостот не ме напушти мене.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Фото) Во куќата на „Калеш Анѓа“ се уште автентично стои собата каде што престојувала